Денеска (11.06.2026), во просториите на Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи, се реализираше примопредавање на донација од Мисијата на ОБСЕ во Скопје наменета за потребите на локалните и регионални органи за криминалистичка техника.
Донацијата се состои од 16 камери за видео документирање места на настан за кои е потребно изготвување и на видео документација, со што ќе се придонесе за понатамошно унапредување на капацитетите за вршење увид на местото на настан со цел зајакнување на можностите на органите за криминалистичка техника.
На примопредавањето присуствуваа претставници на Министерството за внатрешни работи, предводени од началникот на Одделот за форензички испитувања како и претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, предводени од шефот на Одделот за кривична правда и полициски реформи при Мисијата на ОБСЕ во Скопје г. Едвард Томас Андерсон.
Донацијата е обезбедена во рамки на долгогодишната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, насочена кон унапредување на професионалните капацитети и модернизација на полициското работење.