Денеска (03.12.2025) полициски службеници од ОВР Пробиштип и ПС БПС Штип на експресниот пат Кочани- Штип и во село Бучиште во Општина Пробиштип, реализираа превентивни активности во делот на сообраќајот. На граѓаните им беше потенцирана потребата од носење на зимска опрема, со цел патувањето да биде безбедно, како и за задолжителното прилагодување на брзината кон условите на патот. Преку непосредна комуникација со возачите, им беше укажано и на последиците што можат да настанат доколку користат мобилен телефон додека возат, како и доколку возилото го управуваат под дејство на алкохол. Исто така, беше укажано и за санкциите што произлегуваат од непочитување на законските одредби, а на учесниците во сообраќајот им беа поделени и печатени едукативни материјали изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Исто така денеска, на подрачјето на ОВР Берово, од страна на полициски службеници од ОВР Берово беа спроведени превентивни активности со цел подигање на свеста меѓу граѓаните, особено младата популација, за опасностите и последиците од употребата на петарди и други пиротехнички средства.
Во текот на вчерашниот ден пак, полициски службеници од ОВР Македонски Брод во соработка со Центарот за социјални работи и здружението „Везилка" -Македонски Брод во средното училиште „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод одржаа трибина на тема: „Да го разбиеме молкот во нашата заедница“, активност што се реализира во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Исто така, на покана на полициски службеници од ОВР Ресен, ученици од основното училиште „Славејко Арсов" од с.Подмочани, беа во посета на полициската станица во Ресен каде беа запознаени со основните правила и прописи во сообраќајот.