Денеска (02.12.2025) во Кочани, полициски службеници од Полициската станица за Безбедност на патниот сообраќај Кочани, одржаа едукативно-превентивна кампања на тема: „Стави појас-секогаш при секое патување“, којашто има за цел, подигање на свеста за употребата на сигурносните појаси од страна на возачите и патниците. На тема „Не користи пиротехнички средства“, полициски службеници од ОВР Пробиштип и лекар по општа медицина реализираа средба со учениците од Подрачното озновно училиште „Кирил и Методиј“ во Злетово. Основната цел на предавањето е учениците да развијат поголема свесност за ризиците и последиците од користењето петарди и други пиротехнички средства, како и законската регулатива во однос на неовластеното користење и употреба на пиротехнички средства. Во истото училиште се зборуваше и на тема „Булинг и меѓуврсничко насилство”, каде учениците беа запознаени со видовите на булинг, причините за нивна појава, начинот за нивно детектирање, санкции и мерки за превенција од булинг и меѓуврсничко насилство. Додека, во централното градско подрачје на Берово, полициски службеници од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Берово спроведоа превентивна активност за подигање на свеста кај возачите за користење зимска опрема.
Денеска (02.12.2025) во градинката „Димче Мирчев“ во Велес, Отсекот за превенција при СВР Велес реализираше превентивно-едукативна активност за децата од предучилишна возраст. Преку непосредна комуникација и другарување, децата се запознаа со важноста на професијата полициски службеник и кое е нејзиното значење за безбедноста на граѓаните, како и со работата на сообраќајната полиција и сообраќајните правила за малите пешаци.
На територијата на СВР Струмица вчера (01.12.2025), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица, во рамки на кампањата „16 дена активизам за родово базирано насилство“, реализираа превентивна активност со корисниците на Центарот за дневен престој за активно стареење во село Турново, општина Босилово. Во рамки на активностите со корисниците на центарот е разговарано за форми на семејно насилство, како да се препознае, а воедно и да се пријави.
Додека пак, денеска и вчера на подрачјето на Скопје, одделението за превенција при СВР Скопје реализираше превентивни активности за безбедност во училиштата и „Внимавај, телефонски измами“. Денеска, на 02.12.2025 на подрачјето на Полициската станица Центар реализирана е превентивна активност за информирање и едукација на повозрасната популација, кои се најчеста жртва на телефонските измами. Цел на оваа активност е подигнување на свесноста кај наведената популација и начини на заштита од овој вид кривично дело. На 01.12.2025 во основното училиште „Браќа Миладиновци“ на подрачјето на Аеродром со учениците од клубот за превенција беше одржана едукативно-превентивната работилница за безбедност во училиштата.