Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Отворена нова канцеларија за управни работи на МВР во Општина Шуто Оризари

Отворена нова канцеларија за управни работи на МВР во Општина Шуто Оризари

Денеска во Полициското одделение Шуто Оризари беше отворена новата канцеларија за управни работи на Министерството за внатрешни работи, на настан на кој присуствуваше помошник министерот за граѓански работи Јован Алтанџиев.

Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 25 000 жители на Општина Шуто Оризари ќе можат во рамки на својата општина да поднесуваат барања и да ги подигнуваат готовите лични документи – лични карти, пасоши и возачки дозволи.

„Досега жителите на Шуто Оризари овие услуги ги добиваа преку полициската станица Бутел или во зградата на МТВ. Од денес натаму тие ќе можат тоа да го прават овде, во својата општина. Ова е континуитет на нашата цел – да ги приближиме услугите на МВР до граѓаните,“ истакна помошник министерот Алтанџиев.

Алтанџиев посочи дека министерството за внатрешни работи паралелно спроведува две фази на подобрување на пристапот до услуги - дигитализација на дел од услугите и отворање нови канцеларии за управни работи во средини каде што тоа е најпотребно според бројот на жители и пристапноста. 

Во изминатите 15 месеци, МВР отвори седум нови канцеларии за управни работи во општините Сарај, Липково, Долнени, Демир Капија, Јегуновце, Желино и Жеровјане кое ги опфаќа Брвеница и Боговиње. Со денешното отворање во Шуто Оризари, бројот на вакви канцеларии се зголемува на осум.

Со тоа, министерството за внатрешни работи опфаќа над 200 000 жители низ државата – односно околу 13% од вкупното население – со цел да се подобри ефикасноста и квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.

Алтанџиев најави дека во наредниот период се планира отворање нови канцеларии за управни работи и во новите објекти на полициските станици Аеродром и Кисела Вода, со што министерството продолжува со својата стратегија за подобра достапност и современо функционирање на јавните услуги.

Мени за пристапност