Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МВР и лекарската заедница со заедничка превентивна кампања: „Без пиротехника за побезбедни празници“

МВР и лекарската заедница со заедничка превентивна кампања: „Без пиротехника за побезбедни празници“

Министерството за внатрешни работи, во соработка со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, ја интензивира превентивната кампања за подигање на јавната свест за опасностите од користење петарди и други пиротехнички средства во пресрет на новогодишните празници.

Во телевизиско гостување началникот на Сектор за полициски работи од општа надлежност, Билјана Сарагинова Панчевска и директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Георгиевска Павловска заеднички истакнаа дека употребата на петарди претставува сериозен ризик по здравјето, особено кај децата и малолетниците. Доктор Георгиевска Павловска посочи дека секоја година се регистрираат тешки повреди кои често доведуваат до трајни последици. Минатата година три деца на возраст од 12 и 13 години претрпеа тешки повреди на рацете, со ампутации на прсти како резултат на експлозија на петарди.

Сарагинова Панчевска истакна дека МВР постојано потсетува дека продажбата и употребата на пиротехнички средства е законски строго регулирана и дека за прекршителите се предвидени значителни парични казни. Апел и до трговците е да се воздржат од нелегална продажба, како и до родителите да внимаваат на активностите на малолетните лица.

Превентивните активности на МВР, кои се реализираат во училиштата низ државата, продолжуваат и оваа година. Преку едукативни презентации, реални примери од лекарската пракса и заеднички настап со медицински експерти, целта е да се подигне свеста кај најмладите за сериозноста на ризиците што ги носат петардите.

Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира до граѓаните празничниот период да го поминат мирно, безбедно и достоинствено — без употреба на пиротехнички средства кои можат да предизвикаат трајни повреди, пожари или нарушување на јавниот ред и мир. Безбедноста на децата и здравјето на сите граѓани остануваат наш врвен приоритет.

Мени за пристапност