Денеска во Скопје, Министерството за внатрешни работи беше домаќин на конференцијата за воспоставување на Регионална асоцијација на полициски академии и центри за обука во Југоисточна Европа, на која присуствуваа претставници од повеќе држави од регионот и меѓународни партнери.
Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека овој момент претставува потврда на заедничката волја за јакнење на врските меѓу полициските академии и унапредување на стандардите за обука на полициските службеници.
„Инвестирањето во обуката на полициските службеници е директна инвестиција во безбедноста на граѓаните и стабилноста на општеството. Само добро обучени и мотивирани полициски службеници може да обезбедат праведен, предвидлив и професионален однос кон сите граѓани,“ потенцираше министерот Тошковски.
Тој додаде дека зголемената мобилност и прекуграничните предизвици бараат унифициран и координиран пристап, како и дека регионалната соработка е суштинска за градење стабилност и доверба.
Министерството за внатрешни работи, преку Центарот за обука, ја презема улогата на иницијатор и прв претседавач на асоцијацијата, со цел поставување на висок професионален стандард и реализирање активности кои ќе ја поддржат новоформираната платформа за размена на знаење и искуства.
Во тој контекст, министерот Тошковски информираше дека се во тек реформи во едукацијата на полицискиот кадар, вклучувајќи повторно отворање на Средното полициско училиште и подобрување на условите за обука и сместување на кандидатите.
„Формирањето на оваа регионална асоцијација ќе овозможи подобра координација на обуките, јакнење на човечките капацитети и создавање комплементарни програми кои ги почитуваат традициите и системите на секоја држава,“ истакна министерот.
На крајот од конференцијата беше потпишана Заедничка декларација со која се промовира регионалната соработка во областа на полициската едукација како клучен елемент за унапредување на стабилноста и безбедноста во регионот.