Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јанев на Меморијалниот турнир „Загинати бранители 2001–2015“: Македонија ги памети своите херои, нивната жртва е наша трајна обврска

Јанев на Меморијалниот турнир „Загинати бранители 2001–2015“: Македонија ги памети своите херои, нивната жртва е наша трајна обврска


Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска се обрати на Централниот меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители 2001–2015, кој се одржува во спортскиот центар „Борис Трајковски“. На настанот се обрати и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој го отвори Меморијалниот турнир.

Пред членовите на семејствата на загинатите бранители, претставниците на Здружението „Херои на Македонија 2001–2015“, колегите и натпреварувачите, директорот Јанев истакна дека турнирот веќе 24 години ја чува жива меморијата за оние кои ги положија своите животи за Македонија, нејзиниот мир и безбедноста на граѓаните.

„Денес не сме тука само поради традицијата. Тука сме затоа што имаме обврска да паметиме. Да ги паметиме нашите колеги, пријатели, браќа, сопрузи, татковци и синови кои ја носеа униформата со чест и кои, извршувајќи ја својата должност, ја дадоа најголемата жртва што човек може да ја даде. Нивните имиња не се само дел од историјата на нашите безбедносни сили. Тие се дел од историјата на Македонија“, истакна Јанев.

Тој нагласи дека обврска на денешните генерации е споменот за загинатите бранители да се пренесува и на генерациите што доаѓаат, потсетувајќи дека слободата, мирот и безбедноста не треба да се земаат здраво за готово. Посебна почит им оддаде на семејствата на загинатите, нагласувајќи дека институциите имаат обврска да покажат дека жртвата на нивните најблиски никогаш нема да биде заборавена.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека мора да се чува споменот за оние кои го дале својот живот за татковината и да се пренесе на следните генерации.

„Она што треба да го направиме е да се сплотиме и да покажеме дека хероите не се забораваат. Се заблагодарувам на секој еден припадник на Армијата, сите што ја носат униформата кои секојдневно работат за нашата држава. Министерството за одбрана ќе биде секогаш тука да помогне и достојно да покаже почит кон хероите“, истакна министерот Мисајловски.

На крајот, директорот Јанев изрази благодарност до Здружението „Херои на Македонија 2001–2015“, Министерството за внатрешни работи и сите кои веќе 24 години ја одржуваат оваа традиција, порачувајќи дека хероите живеат сè додека ги паметиме и дека им должиме да ги паметиме со гордост, достоинство и благодарност.

Мени за пристапност