Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Исени: Одржливата урбана мобилност е важен предуслов за побезбедни и поквалитетни урбани средини

Исени: Одржливата урбана мобилност е важен предуслов за побезбедни и поквалитетни урбани средини

Заменикот министер за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на работилницата за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност, наменета за носители на одлуки од национално и локално ниво.

На настанот присуствуваа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, министерот за локална самоуправа, претседателот на ЗЕЛС, градоначалници, како и претставници на повеќе државни институции и организации.

Во своето обраќање, заменикот министер Исени истакна дека современите градови се соочуваат со сè поголеми предизвици поврзани со урбанизацијата, мобилноста и потребата од поефикасни, побезбедни и поодржливи транспортни системи, при што плановите за одржлива урбана мобилност претставуваат значајна алатка за стратешко планирање и креирање политики насочени кон потребите на граѓаните.

Тој нагласи дека од аспект на Министерството за внатрешни работи, одржливата урбана мобилност е тесно поврзана со напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот, намалување на ризиците и создавање побезбедна сообраќајна средина за сите учесници во сообраќајот – пешаците, велосипедистите, корисниците на јавниот превоз и возачите.

Воедно беше потенцирана важноста од силна меѓуинституционална соработка помеѓу државните институции, единиците на локалната самоуправа и сите релевантни чинители во процесот на планирање и спроведување на современи решенија за одржлива мобилност.

Работилницата беше организирана во рамки на проектот „Развивање на планови за одржлива урбана мобилност за пет општини и обезбедување на обука за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност“, кој се реализира во рамки на Проектот за поврзување локални патишта со поддршка на Светска банка.

Целта на обуката е зајакнување на капацитетите на носителите на одлуки за разбирање, поддршка и водење на процесите за развој и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност, преку информирано и координирано донесување одлуки базирани на резултати и добри практики.

Мени за пристапност