Заменикот министер за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на свеченото отворање на „Летниот камп на оперативните сили на Црвениот крст – Сарај 2026“, настан посветен на јакнење на капацитетите, вештините и оперативната подготвеност на припадниците на оперативните сили на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Во своето поздравно обраќање, заменикот министер Исени ја истакна важноста на долгогодишната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, која се темели на доверба, професионалност и заедничка посветеност кон заштитата на граѓаните.
„Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст со години градат партнерство засновано на доверба, професионалност и заедничка посветеност кон заштитата на граѓаните. Како институции кои имаат клучна улога во првиот одговор при кризни состојби, природни непогоди, несреќи и други вонредни ситуации, секојдневно покажуваме дека координацијата, подготвеноста и меѓусебната поддршка се од суштинско значење за успешното справување со предизвиците“, истакна Исени.
Тој нагласи дека кампот претставува значајна можност за унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците преку симулациски вежби, размена на искуства и различни форми на обука, кои придонесуваат кон градење поотпорно и побезбедно општество.
Посебен акцент беше ставен на улогата на младите луѓе во хуманитарните активности и во градењето култура на солидарност, хуманост и меѓусебна помош, како вредности кои имаат особено значење за развојот на секоја заедница.
Заменикот министер Исени упати благодарност до Црвениот крст на Република Северна Македонија за неговата долгогодишна хуманитарна мисија и значајниот придонес во јакнењето на подготвеноста за справување со кризни ситуации, посакувајќи им успешна работа и стекнување нови знаења и искуства на сите учесници во кампот.
Во рамки на настанот беа презентирани дел од оперативните капацитети на Црвениот крст, како и симулациски активности за одговор при катастрофи и вонредни состојби.