Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, денеска претседаваше со 14 состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, која претставува форум за меѓуресорска соработка за спроведување задачи на експертско ниво поврзани со формулирање и имплементација на националните секторски политики вклучително и оние релевантни за интегрирање во ЕУ, како и користењето на донаторска помош и инструментот за претпристапна помош ИПА.
На настанот присуствуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, претставници на меѓународните организации, амбасадите, како и членови на работната подгрупа од институциите со надлежност за спроведување на законот.
Во своето обраќање, заменик министерот Исени потенцираше дека министерството интензивно и посветено работи на спроведување на клучните реформски приоритети, кои се неопходен предуслов за напредок во процесот на европската интеграција. Денес можеме да констатираме дека се постигнати значајни резултати, особено во делот на реформите на безбедносниот и разузнавачкиот систем, зајакнувањето на капацитетите за борба против организираниот криминал и корупцијата, како и унапредувањето на владеењето на правото, истакна Исени.
Од негова страна беше искажана благодарност за поддршката што Европската Унија ја обезбедува преку Инструментот за претпристапна помош. Преку ИПА 3 програмата, во изминатите години беа имплементирани бројни проекти кои значително придонесоа за јакнење на институционалните капацитети – човечки, технички и инфраструктурни. Оваа поддршка има суштинско значење за модернизација на министерството и неговото усогласување со европските стандарди, нагласи Исени.
На состанокот беа презентирани стратешките плански документи, индикатори и програмски документи. Дополнително беше презентирано портфолиото на проекти кои што во моментот се имплементираат во Министерството за внатрешни работи како и проектите кои ќе започнат во следниот период поддржани од страна на Европската Унија и други донатори.
Во заклучокот, заменик министерот Исени се осврна на клучните аспекти поврзани со реформската агенда, анализата на препораките од годишните извештаи на Европската комисија, како и заклучоците произлезени од скрининг процесот, при што уште еднаш се заблагодари за континуираната поддршка што ја добиваме од страна на Европската Унија.