Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Државниот секретар во МВР Петрушевски на петтиот сараевски миграциски дијалог

Државниот секретар во МВР Петрушевски на петтиот сараевски миграциски дијалог

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Сашо Петрушевски, учествуваше и ја предводеше македонската делегација на годишната конференција на Петтиот сараевски миграциски дијалог, што се одржа денеска (21.04.2026) во Сараево, во организација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, со поддршка на Швајцарија.    

Со оваа конференција се заокружува Проектот „Зајакнување на управување со миграцијата на Западен Балкан“. Овој проект има фокус на регионалната соработка и зајакнување на институционалните капацитети во справување со безбедноста во однос на хуманитарните и миграциските предизвици и одржување на регионални работилници. За време на конференцијата се разгледа и усвои Регионалната декларација која ги одразува клучните препораки и приоритети утврдени на претходно одржаните работилници и предвидува воспоставување на заедничка регионална мрежа за соработка во областа на управување со миграцијата, граничната безбедност и азилот, во согласност со стандардите на Европската унија и тековните регионални иницијативи.

Државниот секретар Петрушевски учествуваше на првата сесија на оваа конференција на тема: „Регионалната декларација за управување со миграцијата во Западен Балкан, политичка визија и обврски“. Тој изрази благодарност за можноста преку овој настан да размени мислења и сподели искуства во управување со миграциите. Во своето обраќање, Петрушевски се осврна на Регионалната декларација која ја оцени како стратешка рамка и мандат земјите од регионот да дејствуваат заедно. Во продолжение истакна дека крајно време е да се премине од изјави кон системи, од ветувања кон проекти, од изразена волја кон мерливи резултати. 
„Соработката во управувањето со миграциите е инструмент за домашна стабилност, но и стратешка инвестиција во нашата европска иднина. Со позиционирањето на МАРРИ (Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци) како регионален центар преку кој ќе се остварува комуникацијата и известувањето се обезбедува правец за понатамошно постапување и оперативна ориентација на Регионалната декларацијата заснована на мерливи цели“, изјави Петрушевски.

На маргините на оваа конференција државниот секретар Сашо Петрушевски учествуваше на билатерална средба со специјалниот пратеник за миграции и амбасадор за конвенции на Данска, Николај Хејберг Петерсен. Средбата беше извонредна можност за размена на идеи во однос на зајакнување на управувањето со миграциите и регионалната соработка, особено од аспект на спроведувањето на новата Регионална програма за управување со миграциите на Кралството Данска.

Мени за пристапност