Денеска државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, учествуваше на Регионалниот форум на MARRI, кој се одржа во Сараево, во рамки на претседавањето на Босна и Херцеговина со иницијативата. На Регионалниот форум на MARRI беа презентирани и усвоени годишниот извештај за активностите на MARRI, независниот финансиски извештај за 2025 година, буџетот на Регионалниот центар за периодот јули 2025 – јуни 2026 година, како и други препораки. Во текот на форумот, државниот секретар го поздрави тековното претседателство со MARRI, кое обезбеди силен континуитет во работата и ја зајакна регионалната комуникација, придонесувајќи кон конкретни резултати во повеќе области. Тој изрази силна поддршка за улогата на оваа организација и цврста посветеност на нејзиното натамошно јакнење. Државниот секретар Петрушевски истакна дека „особено е важно MARRI и понатаму да остане простор каде што сите администрации на членките ќе можат отворено да разговараат за предизвиците, да ги усогласуваат приоритетите и да развиваат заеднички пристапи во областите кои спаѓаат во мандатот на MARRI. Само така може да се обезбеди одржлив напредок, но и да се зајакне довербата меѓу институциите, која е клучна за успешна регионална соработка. Министерството за внатрешни работи ги поддржува донесените препораки на состанокот на Комитетот на MARRI и изразува целосна посветеност за нивно спроведување.“ На маргините на форумот, државниот секретар Петрушевски оствари средба со заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, при што соговорниците се согласија за понатамошно унапредување на соработката во сегментот на справувањето со нелегалната миграција, како и за дополнително зајакнување и унапредување на MARRI иницијативата.