Денеска (15.10.2026), директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во седиштето на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ во Кавадарци, одржа работна средба со раководството и командирите на трите гранични премини.
Во фокусот на средбата беа актуелните безбедносни состојби на јужната граница, спречувањето на криумчарењето мигранти, зајакнувањето на граничните контроли и унапредувањето на оперативната соработка со Фронтекс и грчката гранична полиција.
На средбата беше истакнато дека од почетокот на 2026 година до денес, преку трите гранични премини се евидентирани вкупно 5.297.690 патници при влез и излез од државата, што го потврдува значењето на овие премини и одговорноста на полициските службеници во обезбедувањето непречен и безбеден проток на патници.
Директорот Јанев ја нагласи важноста од континуирано вложување во современа опрема, јакнење на човечките ресурси и специјализирани обуки за откривање фалсификувани документи и спречување прекуграничен криминал.
„Наш приоритет останува сигурна граница, професионална и опремена гранична полиција и бескомпромисна борба против криумчарењето мигранти и сите форми на прекуграничен криминал“, истакна директорот Јанев.