Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, учествуваше на Европската конвенција на шефови на полиции (European Police Chiefs Convention – EPCC 2026), која се одржа во седиштето на Европол во Хаг, Кралство Холандија.
Конвенцијата, организирана од Европол и актуелното претседателство со Советот на Европската Унија – Ирска, ги обедини раководителите на полициските служби од земјите членки на Европската Унија, партнерските држави и меѓународните организации, со цел размена на искуства и унапредување на заедничкиот одговор на современите безбедносни предизвици.
Во рамки на Конвенцијата, директорот Јанев оствари билатерални средби со раководството на Европол, како и со претставници на партнерски држави и институции. Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на оперативната полициска соработка, унапредување на размената на информации и искуства, како и зајакнување на заедничките активности во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, компјутерскиот криминал и недозволената трговија со дрога.
На средбите беа разгледани и можностите за дополнително јакнење на полициските капацитети преку обуки, заеднички проекти и примена на современи технологии и иновативни методи во полициското работење. Притоа, беа претставени приоритетите на македонската полиција во насока на поефикасно спротивставување на организираните криминални групи, унапредување на организациските и оперативните капацитети, како и забрзување на процесите на модернизација и дигитализација.
Во рамки на EPCC 2026 беа одржани и панел-дискусии посветени на актуелните безбедносни предизвици, меѓу кои примената и злоупотребата на вештачката интелигенција во спроведувањето на законот, превенцијата на радикализацијата, како и дезинформациите и синтетичките медиуми и нивното влијание врз јавниот ред.
Учеството на македонската делегација на оваа значајна меѓународна полициска конвенција претставува потврда на активната улога на Министерството за внатрешни работи во европската безбедносна соработка и определбата за континуирано унапредување на меѓународната полициска соработка, размената на информации и заедничкото справување со современите безбедносни закани.