Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари средба со амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, придружуван од полициското аташе Михаел Жано.
На средбата беше истакната долгогодишната соработка меѓу двете земји во областа на внатрешните работи, која трае повеќе од две децении, како и заедничката определба таа да продолжи преку конкретни активности, обуки и размена на искуства.
Амбасадорот Ле Риголер информираше за новата обука која започнува на Меѓународниот аеродром „Скопје“, а ја реализираат француски експерти од Жандармеријата за воздушен транспорт на Република Франција. Обуката е насочена кон размена на експертиза и практични знаења во областа на сигурноста и безбедноста на аеродромите и унапредување на професионалните капацитети на полициските службеници и лицата задолжени за обезбедување.
„Соработката со Република Франција има долгогодишен континуитет и за нас е особено значајно што таа се преточува во конкретни активности и обуки. Размената на знаење и искуство со француските експерти директно придонесува за унапредување на професионалните и оперативните капацитети на македонската полиција“, истакна министерот Тошковски.
На средбата беа најавени уште две обуки до крајот на годината – за спречување перење пари и за разузнавачки активности и работа во казнено-поправните домови.
Соговорниците разговараа и за можностите за проширување на соработката со Центарот за обука на МВР, преку креирање и реализација на обуки согласно потребите на идните полициски службеници.
Двете страни изразија задоволство од досегашната соработка и подготвеност таа дополнително да се продлабочува во областите од заемен интерес.