Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев денеска (10.12.2025) во рамки на својата работна посета на српското МВР, во Белград имаше работна средба со својот домаќин, директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ, а воедно се сретна и со министерот за внатрешни работи и потпретседатен на владата на Република Србија, Ивица Дачиќ.
На средбите на македонската полициска делегација со своите српски колеги, меѓу другото, уште еднаш беше нагласена традиционално добрата и пријателска соработка меѓу двете полиции со заедничка заложба на таквиот тренд да му се даде нов импулс во насока на уште посилен развој на билатералните односи и идните заеднички активности.
Покрај ова директорите Јанев и Васиљевиќ разговараа околу низа теми поврзани со конкретно интензивирање на оперативната полициска соработка. Притоа, двострана беше заложбата за подинамична размена на информации и податоци во делот на борбата против организираниот криминал, на борбата против тероризмот, спречувањето на илегалната миграција и трговијата со луѓе, прекуграничниот криминал, како и можност за заеднички полициски истраги – JIT. На средбата исто така се разговараше и за засилено дејствување кон бегалци од правдата, за потенцијалот за заеднички гранични патроли, како и размена на знаења и експертиза во финансиските истраги, крипто пазарите и поефикасна идентификација на нелегално стекнат имот. Заеднички беше заклучокот дека македонската и српската полиција, преку транспарентна, динамична соработка и вистинско партнерство, ќе продолжат да придонесуваат за посилна национална и регионална безбедност во интерес на нашите држави и на нашите граѓани.
Воедно во рамки на традиционалната полициска соработка на директорот Јанев му беше врачено и писмо на намери со покана од страна на српската полиција за испраќање униформирани македонски полициски службеници во зимските туристички центри во Србија. Исто така во рамки на работната посета македонската полициска делегација на чело со директорот Јанев го посетија и командниот центар, односно службите за управување со сообраќајот при српскиот систем „Безбеден град“, како и единиците на српската полиција задолжени за безбедноста на градот Белград.