Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации на територијата на државата, полициски службеници лишиле од слобода 10 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од нив, седум управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за С.К.(26), Б.Р.(26), П.Т.(51) и 15-годишник, сите од Скопје, 16-годишник од село Батинци, скопско, С.А.(37) од село Гошинце, Општина Липково, и М.Б.(61) од село Блаце, скопско, кој претходно учествувал и во сообраќајна незгода.
Тројца возачи управувале возило и покрај активна мерка забрана за управување со моторно возило. Станува збор за К.А.(35) од Скопје, М.Б.(30) од Крушево и Н.И.(50) од Штип, кој истовремено управувал и под дејство на алкохол.
По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, со активна забрана за управување или под дејство на алкохол. Одговорното однесување и почитувањето на правилата се од суштинско значење за спречување на сообраќајни незгоди, заштита на човечките животи и создавање побезбеден сообраќај.