По повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово и 507 години од постоењето на градот, денеска на Спомен-костурницата во Куманово беше положено свежо цвеќе во чест на борците кои ги положиле своите животи за слободата на градот.
Делегацијата на Министерството за внатрешни работи ја предводеше државниот секретар Сашо Петрушевски, кој заедно со останатите членови на делегацијата им оддаде почит на хероите и нивната жртва за слободата.
Во продолжение, делегацијата на МВР присуствуваше и на свечената седница во Занаетчискиот дом, на која традиционално беа доделени Ноемвриските награди на заслужни граѓани и правни лица кои со својата работа и придонес оставиле значаен белег во општествениот живот на Куманово. Свеченоста беше збогатена со богата културно-уметничка програма.
Одбележувањето на овој значаен датум претставува потсетник на богатата историја, херојското минато и непокорниот дух на Куманово, како и на обврската да се негуваат историското наследство, традициите и вредностите што се дел од колективната меморија на градот.