Денеска (15.03.2026) во периодот од 11:00 до 20:00 часот на подрачје на Центар, Аеродром, Бит Пазар и Чаир при СВР Скопје, Одделението за безбедност на патниот сообраќај заедно со Одделението за сообраќајно ескортно обезбедување спроведе зајакната акциска контрола за прекршоци што ги прават возачите на велосипеди со помошен мотор, трицикли, четирицикли и моторцикли при што изречени се 91 мерка. Од нив седум се кривични пријави за безобѕирно управување со моторно возило, од кои шест се за возење без возачка дозвола и една за управување возило под дејство на алкохол повеќе од 1,50 промили, од кои три кривични пријави се против малолетни лица.
Изречени се 17 мерки за управување на возило во несоодветна категорија, 13 санкции за возач кој управува велосипед со помошен мотор без возачка потврда, 43 мерки за возење без заштитен шлем (кацига), три санкции за нерегистрирани мотоцикли, една мерка за возач кој управува мотоцикл под дејство на алкохол и седум мерки за други прекршоци.
За време на акциската контрола одземени се еден мотоцикл за безобзирно управување со возило и привремено одземени се два мотоцикли нерегистрирани повеќе од шест месеци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за побезбедни патишта низ државата.