Во рамки на спроведувањето на превентивно-репресивните мерки и акциски контроли насочени кон откривање и санкционирање на прекршоци сторени од возачи на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети, на територијата на целата држава беа реализирани 246 акциски контроли и 58 превентивни активности.
При контролите беа констатирани вкупно 1.594 прекршоци, од кои 1.417 се сторени од возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, 174 прекршоци од возачи на електрични тротинети и три прекршоци од возачи на велосипеди. Најчестите прекршоци кај возачите на мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли се: некористење заштитен шлем (кацига) за време на возење – 962 прекршоци, управување под дејство на алкохол – 145 прекршоци и управување без возачка потврда – 70 прекршоци. Во рамки на преземените мерки одземен е 41 мотор.
Кај возачите на електрични тротинети најчесто се констатирани прекршоци поради некористење велосипедска патека, велосипедска лента, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци (член 103-а став 1) – 63 прекршоци, симнување на рацете од управувачот, придржување за друго возило, превезување, влечење или туркање предмети, како и користење електронски уреди за време на управување (член 103-б став 1) – 17 прекршоци, движење на сообраќајни површини каде што не е дозволено движење со електричен тротинет (член 103-а став 5) – 15 прекршоци и управување од лице кое не наполнило 14 години возраст (член 103-в став 1) – 14 прекршоци.
Во рамки на преземените мерки, писмено се опоменати 10 возачи на електрични тротинети. Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени контроли и апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.