Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 28.08.2026

Извадок на дел од дневните настани 28.08.2026

 

На 27.08.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.Б.(32) и Д.П.(26), двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 28.08.2026 во 00:30 часот на улица „Доне Божинов“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ј.А.С.(37) од Канада, затоа што кај него бил пронајден и одземен археолошки предмет (артефакт). По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 11:20 часот во ПС Центар, Л.А.Ц.Г.(37) од Венецуела пријави дека во апартман во  Скопје, на територија на Центар, во кој престојувала, околу 03:00 часот била физички нападната од Б.Џ. од Косово, кој живее во Лондон, а со кого претходно телефонски се договорила да се сретнат. При тоа, тој и одзел два телефона. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против М.М. (52) од село Долно Косоврасти, дебарско,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот на дел од катастарски парцели во катастарска општина „Долно Косоврасти“ на место викано „Бањи“, изградил бетонски ѕид со метална мрежа, на место во сопственост на државата, а притоа немал одобрение. 

 

На 27.08.2026 во 19:20 часот во казино во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Р.Р.(55) од Прилеп, бидејќи при преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок.  

 

На 27.08.2026 околу 13:00 часот на регионалниот пат Р2432,  на делницата од крстосницата со ул. „Стив Наумов“ во Струмица до с. Баница, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(58) од Радово, струмичко и  патничко возило „пасат“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Џ.А. (31) од село Баница, струмичко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил К.М., а со телесни повреди се здобил Џ.А., констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото изврши екипа на Полициската станица Струмица.

 

На 28.08.2026 во 02:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Е.М.(30) од Велес, затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 28.08.2026 во 00:30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Љ.С.(76) од Струмица, кој држејќи остар предмет во рака агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени задачи.  Тој е задржан во Полициската станица Струмица и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава

 

На 28.08.2026 во 01:20 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода Ј.А. (25) од Радовиш, постапувајќи по пријава дека околу 01:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 20-годишна сестра. Лицето е здржано во Полициската станица Радовиш и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава

 

На 27.08.2026 во 22:45 часот во објект во Берово, полициски службеници од ОВР Берово го лишија од слобода Ѓ.Т.(22) од Берово, затоа што при извршен преглед, кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 27.08.2026 во 11:20 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода О.А.(37) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал и ѝ се заканувал на неговата 33-годишна невенчана сопруга. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против О.А. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 19:10 часот во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода А.К.(42) од Неготино, постапувајќи по претходна пријава дека во домот агресивно се однесувал и им се заканувал на неговите родители. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 14:40 часот, во СВР Охрид е пријавено дека Н.К.(48) од охридското село Лескоец, вработен во телекомуникациска компанија, при извршување работни задачи во селото Елшани, паднал од бандера. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото на настанот извршија јавен обвинител, трудов инспектор и полициски екипи. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 27.08.2026 во 21:35 часот во струшкото село Враништа, приведен е Е.Р.(34)  од с. Лабуништа. Полициските службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга го затекнале Е.Р. во паркирано возило „форд“ со словенечки национални ознаки и притоа пронашле  предмети со остатоци од бела прашкаста материја. По целосно расчистување на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 21:35 часот во Македонска Каменица, полициски службеници од ПО Македонска Каменица лишија од слобода 23-годишна жена од Македонска Каменица, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом, фрлила нож кон нејзиниот свекор. На настанот, според пријавеното во ПО Македонска Каменица, претходела расправија помеѓу жената и нејзиниот сопруг, по што 23-годишната жена прво физички ја нападнала својата свекрва, а потоа и фрлила нож кон свекорот и го удрила во ногата, по што тој ја удрил со тврд предмет. По целосно расчистување на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 27.08.2026 во 15:22 часот во СВР Тетово е пријавено дека на локален пат с. Горно Седларце- с. Синичане се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.И. (54) од с.Горно Седларце и мотоцикл „јамаха“ со тетовски регистерски ознаки, управуван од Л.И, (20) од с. Г.Седларце. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 16-годишниот сопатник на мотоциклот, констатирани во Клиничка болница Тетово, додека со телесни повреди се здобил Л..И., констатирани од Итна медицинска помош. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

 

На 27.08.2026 во 21:30 часот полициски службеници од НККР Гостивар го лишија од слобода Р.М. (62) од Гостивар, по претходна пријава од Н.С. (35) од гостиварско, дека физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 21:00 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат од Гостивар кон с.Србиново, М.С. (29) од с.Страјане, гостиварско, управувајќи мотоцикл „хонда“ без регистерски ознаки, изгубил контрола и паднал на патот, при што се здобил со тешки телесно повреди, констатирани во Ургентен центар Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Гостивар и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 28.08.2026 во 00:10 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода А.А. (23) од тетовско, по претходна пријава од неговата вонбрачна сопруга дека физички ја нападнал, а потоа и се заканувал. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 28.08.2026 во 00:05 часот полициски службеници од ОВР Гостивар ги приведоа Д.Д. (32), С.Е.(35) и Џ.Д.(35), сите од Р.Албанија, постапувајќи по претходна пријава дека го нарушиле јавниот ред и физички го нападнале З.А. (44) од с.Чегране, гостиварско. Тие се задржани во просториите на ОВР Гостивар, а при преземени мерки кај Д.Д биле измерени 2,57 промили алкохол во крвта, а кај Џ.Д. биле измерени 1,47 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 27.08.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје, 22-годишна жена пријави дека околу 13:30 часот во угостителски објект на подрачјето на Чаир во Скопје, била физички нападната од нејзиниот чичко И.А.. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 27.08.2026 околу 11:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на балкон од куќа во с.Визбегово, скопско, С.П.А.(69) од с.Визбегово пронашла залутано зрно од огнено оружје. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 

На 27.08.2026 во 00:30 часот во СВР Скопје, А.Б.(21) од Скопје пријави дека во 00:10 часот, пред продажен објект на подрачјето на Шуто Оризари, бил физички нападнат од Џ.Н. и Р.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 28.08.2026 околу 02:30 часот во СВР Скопје на бул. „Србија“ во Скопје, 17-годишен малолетник од Скопје управувајќи мопед, паднал и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Претходно, малолетникот не застанал на даден знак за запирање од страна на полициски службеници на бул. „Борис Трајковски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје и при тоа е утврдено дека не поседувал возачка дозвола, а мопедот не бил регистриран. По документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 28.06.2026 во 00:50 часот на ул.„Вангел Тодоровски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Х.А.(47) и неговиот син А.А.(18), двајцата од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од С.Г. (33) од Скопје, дека на 27.08.2026 околу 23:30 часот во барака, му одзеле пари од чантата и со употреба на остар и метален предмет го нападнале, а потоа физички ја нападнале и неговата сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.

              

На 28.08.2026 во 01:00 часот на ул.„Јани Лукровски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Д.М.(25) од с.Инџиково, скопско, постапувајќи по претходна пријава од К.С.(39) од скопско, дека  по претходна расправија, физички го нападнал, при што му го одзел мобилниот телефон. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 27.08.2026 во 23:30 часот на ул.„Бутелски Венец“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа И.М.(29), П.М.(27), С.М.(49) и Ф.М.(48), сите од Шуто Оризари, постапувајќи по претходна пријава дека околу 23:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Шуто Оризари во Скопје, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.М.(29) и П.М.(27) од една страна и неговиот чичко С.М.(49) и Ф.М.(48) од друга страна, сите од Шуто Оризари. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 27.08.2026 во 23:15 часот во СВР Скопје, Џ.Т.(53) од с.Дејковец, општина Зелениково, а со престој во с.Морани, скопско, пријави дека околу 23:10 часот додека седел во неговиот двор од семејната куќа, забележал оштетување од залутано зрно од огнено оружје на патничкото возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на неговиот брат. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.08.2026 во 08:30 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода М.Д.(39) од Р.Словенија, затоа што при извршени проверки и преглед на патничко возило со словенечки регистарски ознаки, кое тој го управувал, во неговиот личен багаж била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 27.08.2026 во 13:55 часот во ОВР Делчево е пријавено дека на ул.„Гоце Делчев“ во населба ,,Милково Брдо“ во Делчево настанал пожар во помошна просторија, сопственост на П.А.. Од пожарот биле зафатени дрва, работни машини и други предмети, како и фасада и дел од кровна конструкција на соседната куќа, сопственост на О.Н..  Од екипа на Територијалната противпожарна единица Делчево пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Делчево.

 

На 27.08.2026 околу 04:30 часот во ОВР Берово е пријавено дека во с. Двориште, беровско, пред куќата на К.С. (46) дошле Д.С. и Т.М. од с. Двориште и Т.И од Штип, по што настанала физичка пресметка, а К.С. употребил и тврд и остар предмет и му нанел повреда на едно од лицата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.08.2026 во 17:20 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив со повреди бил донесен П.Д.(47) од Скопје. Според пријавеното, со повредите се здобил при превртување на работна машина-багер, сопственост на приватна фирма во с.Морани, скопско. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје и трудов инспектор.

 

 

Мени за пристапност