СВР Велес поднесе кривична пријава против С.Ј.(48) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.08.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген пасат“, кое го управувал пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и метамфетамин.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Делчево поднесе кривична пријава против В.М., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик. Пријавената В.М., вработена како полицаец – приправник во Одделение за полиција при Секторот за внатрешни работи Штип, на 10.07.2025 остварила телефонска комуникација со едно лице на телефонскиот број кој го користи нејзиниот брат и му соопштила дека ќе бидат преземени службени полициски дејствија за извидување со дрон, кои претставуваат службена тајна и биле предвидени и преземени по оперативна акција. Со ваквото дејствие, кое може да има штетни последици за службата, пријавената го сторила кривичното дело „оддавање службена тајна“. Одделот за внатрешна контрола против В.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.К.(56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Пријавениот, со пушка, која ја поседувал без дозвола, упатувал закани на неговата сопруга и неговите деца. По преземени мерки, полициски службеници од него одзеле пушка калибар 9 мм и 71 куршуми.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Х.З.(48), Ѓ.А.(27) и Ц.Е.(36), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Пријавените, од ноември 2025 до 25.12.2025, со закани по животот на Ш.К.(32), барале за наводен долг од 20.000 евра, кој го должи 26-годишниот Н.К., да исплатат 50.000 евра.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против З.П.(40) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост”. Пријавениот во текот на 2024 година купил монети кои потекнуваат од 18 и 19 век и предмети во вид на „пафти” кои претставуваат етнолошки предмети, кои потекнуваат од 19 век или почеток на 20 век и претставуваат добра под привремена заштита.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Б.(43) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа”. На 10.11.2025 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана возачка дозвола од Република Полска.
На 21.01.2026 во 13:50 часот во населба Домачки дол, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишија од слобода Т.А.(59) од Крива Паланка. Претходно, тој со патничко возило „опел“ со кривопаланечки регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во паркирано возило. По извршен преглед е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,54 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
На 21.01.2026 во 22:30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 17-годишник од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 21.01.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(25) од Скопје, удрило во пешакот А.И.(19) од с.Арачиново, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 19-годишната А.И., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 21.01.2026 во 20:30 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на магистрален пат кај место викано „Двојни кривини“ во атар на с.Уларци, патничко возило „фолксваген туран“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Н.С.(41) од Кочани, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 16-годишната сопатничка од с.Спанчево, додека со телесни повреди се здобиле тројца 16-годишници од с.Чешиново, с.Спанчево и с.Кучичино и 14-годишна малолетничка од с.Чешиново, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Кочани.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против В.Ф.(45) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во текот на декември 2025 година, пријавениот на службена електронска адреса на еден правен субјект, упатил закани кон вработените.
На 21.01.2026 во 14:35 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода С.Ќ.(34) од Косово затоа што при извршена гранична контрола е констатирано дека евидира во оперативна евиденција со мерка „апси“ по барање на Интерпол. Тој е предаден на полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка за понатамошна постапка.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ј.З.(52) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на катастарска парцела во Дебар во државна сопственост, спротивно на Законот за градба, неовластено изградил деловен објект.
ОВР Кочани поднесе кривична пријава против М.Е.Ј.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „безобѕирно управување на моторно возило“. На 17.01.2026 на влез во Кочани, полициски службеници запреле патничко возило „форд“, кое пријавениот го управувал и при извршен преглед над него бил пронајден и одземен кокаин, а по извршени проверки е констатирано дека го управувал возилото под дејство на дрога.
На 21.01.2026 во 10:25 часот, полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода С.Е.(50) од Република Турција, со привремен престој во Скопје. При поднесување на документи за привремен престој по основ на вработување во Одделението за странци, таа приложила фалсификуван документ за неосудуваност. С.Е. е задржана во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава по член 378 од Кривичниот законик - „фалсификување исправа“.
На 21.01.2026 во 15:45 часот во ОВР Кавадарци, 43-годишна кавадарчанка пријави дека на 20.01.2026 била измамена за сума од 29.930 денари. Според пријавеното, на нејзината електронска адреса добила лажна порака во име на Оддел за моторни возила при МВР за сторен сообраќаен прекршок и со насоки за електронско плаќање на казната, по што се регистрирала според дадените инструкции и ги оставила своите лични податоци. Според пријавеното, подоцна добила известување дека од нејзината банкарска сметка бил извршен одлив на парични средства и сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 21.01.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје, Е.Б.(36) од Скопје пријави дека околу 12:30 часот на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром, нејзиниот 16-годишен син бил физички нападнат од едно лице, кој насилно го турнал во багажниот простор од неговото патничко возило и барал од него да му каже кој удирал со снежни топки по неговото возило. Според пријавеното, тој физички го нападнал и неговиот другар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.