На 19/20.11.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.К.(31) од Турција, со привремен престој во Скопје, А.Д.(25) од с.Волково, скопско, Л.А.(20), Ј.К.(47), Д.К.(38), А.С.(25), А.С.(27) и 17-годишник, сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.Б.(69) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Полициски службеници, со судска наредба, извршиле претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени пиштол калибар 7,65 милиметри и куршуми различен калибар, кои нелегално ги поседувал.
На 18.11.2025 околу 15.00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„52“ и ул.„49“ во населба Стопански двор во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со германски национални ознаки, управувано од 35-годишната Л.Б. од Германија и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Д.(51) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатник од возилото „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки О.Ш.(49) од Скопје, а со телесни повреди се здобиле сопатниците М.Ш.(22), Е.И.(23), А.Р.(30) сите од Скопје од истото возило, како и Л.Б. и нејзиниот малолетен сопатник, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
ОВР Кратово поднесе кривична пријава против А.Ј.(36) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. На 16.04.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени семки од канабис, марихуана и остатоци од амфетамин.
На 19.11.2025 околу 00:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Трета македонска бригада“ и ул.„Пролет“ во Скопје, патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.И.Х.(23) од Турција, изгубило контрола и удрило во рекламен билборд. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ј.А.Е.(18) од Турција, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Р.(67) од с.Ларце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „избегнување на плаќање акциза’’. На 21.08.2025 на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“, управувано од пријавениот, при што се пронајдени и одземени 562 кутии цигари со странски бандероли, 17 кутии и седум кеси со тутун, 22 машинки за правење цигари, 10 сим картички, 19 табакери и 18 кутии филтри за цигари, за кои не приложил соодветна документација за платени акцизни давачки и документација за потекло за стоката.
На 19.11.2025 околу 12:01 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул.„11 Октомври“ и бул.„Кочо Рацин“ во Скопје, медицинско возило „рено трафик“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на приватна здравствена установа, управувано од Ж.А.(55) од Скопје нагло запрело при обид да избегне судир со друго возило, кое го напуштило местото. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила А.М.(26) од Скопје, лекар од установата, додека со телесни повреди се здобила А.Р.(41) од Скопје, исто така, вработена во установата, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Во медицинското возило се превезувал и Ј.Т.(89) од Скопје, кој бил со здравствени проблеми и откако бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(57) од Пехчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавената приложила фалсификуван сертификат за познавање на англиски јазик на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во Пехчево, со цел да биде избрана за директор.
На 19.11.2025 во 17:00 часот во СВР Скопје, М.Д.(39) од с.Огњанци, скопско, пријави дека во продажен објект во с.Катланово, скопско, бил физички нападнат од Ѓ.Б.. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.Л.(62) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавениот, на работно место референт за превоз во Јавно претпријатие „Национални шуми“ - подружница Свети Николе, постапувајќи по барања за обезбедување со шумски сортименти поднесено од две лица од Свети Николе, дозволил бесправно да исечат и да натоварат поголема количина дабово дрво од одобрените, со што им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист.
На 19.11.2025 во 15:00 часот во СВР Скопје, 34-годишна жена од скопско село пријави дека на 18.11.2025 околу 19:30 часот била физички нападната од нејзиниот сопруг С.М.(38), со кого биле во бракоразводна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Е.(58) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. На 27.05.2025 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата 49-годишна сопруга.
На 19.11.2025 во 20:30 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа М.Н.(24) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.И.(57) од с.Длапкин Дол, кичевско и правно лице од с.Длапкин Дол поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во периодот од 2019 до 2023 во Кичево, пријавената - управител на правното и инвеститор, градела спротивно на Одобрението за градење издадено од општина Кичево, и наместо предвидениот кров во одобрениот проект, изградила уште еден кат и поткровје, со што нанела значителна имотна штета на буџетот на општина Кичево на име неплатени комуналии во вкупен износ од околу 5.900.429 денари.
На 19.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, 18-годишна девојка од Србија, со привремен престој во Скопје пријави дека околу 15:15 часот, додека се возела во такси возило на подрачјето на Гази Баба, такси возачот ја допирал по телото и ја бакнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.М.(41) и В.М.(26), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 09.10.2025 во Тетово, по претходна расправија околу сообраќајот, пријавените физички го нападнале Б.А. од Тетово.
На 19.11.2025 во 19:30 часот во СВР Скопје, С.Ш.(49) с.Долно Бањица, гостиварско, пријави дека околу 10:15 часот на паркинг простор на подрачјето на Карпош, по претходна расправија за паркинг место, едно женско лице ја удрило со нејзиното возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.А.(31) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на јуни 2025 година, пријавениот се договорил со лице од тетовско село да му изгради конструкција за објект, но откако му биле исплатени 40.000 денари, бил недостапен за лицето.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Д.(57) oд Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 23.10.2025 на социјална мрежа, пријавениот постирал објава со фотографии со која ширел говор на омраза.