Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 21.11.2025

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против М.Г.(37) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.11.2025 на влез во Битола, полициски службеници извршиле преглед на такси возило во кое се превезувале две лица, при што кај нив е пронајден и одземен метамфетамин, кој претходно го набавиле од пријавениот.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Н.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавениот, како самостоен референт - контролор во Отсек за оружје, експлозивни и опасни материи при СВР Велес, постапувајќи по предмет за одземање на оружје и дозвола за поседување на оружје од лице за кое претходно се водела управна постапка, иако бил истечен законски утврдениот рок, пријавениот спротивно на одредбите од Законот за општата управна постапка, ја повторил постапката и изготвил решение со кое ја запрел и покрај тоа што за истиот предмет Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен Скопје донела решение со правна поука во која лицето било упатено на поведување управен спор пред надлежен Управен суд. Со наведените дејствија, пријавениот му овозможил на лицето да му биде вратено одземеното оружје и дозволата за поседување на оружје. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.Т. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место. 

 

ОВР Прилеп поднесе известување против К.С.(19), А.Р.(24) и двајца 17-годишници, сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда. На 25.09.2025 на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп, пријавените физички нападнале едно лице и му нанеле тешка телесна повреда.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Р.(25), Р.М.(49), Ш.М.(49) и В.Т.(27), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 30.10.2025 во Скопје, пријавените со употреба на физичка сила и закана со пиштол од едно лице одзеле 188.600 денари и мобилен телефон.

 

На 20/21.11.2025 во Скопје,  на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.Ш.(29) од с.Идризово, скопско и Ш.Р.(19), С.С.(30), Е.С.(19) и 27-годишната И.Е., сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени кафеава грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 20.11.2025 во 07:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул. „Филип Втори Македонски“ и сервисна улица во Скопје, патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.М.(62) од Скопје, удрило во пешакот М.К.(46) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.К., констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 20.11.2025 во 20:05 часот во СВР Битола е пријавено дека на ул.„Карпош“ во Битола, патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.В.(30) од Битола, удрило во 62-годишната С.Ѓ. од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Ѓ., констатирани во Клиничка болница Битола. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.

 

На 20.11.2025 СВР Струмица- ОВР Гевгелија до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе кривична пријава против И.С.(34) од Нов Дојран. Тој се сомничи дека на 20.11.2025 во атар на село во општина Дојран извршил обљуба врз 25- годишна девојка. И.С. е лишен од слобода и изведен пред судија од Основен суд Гевгелија, кој му определил мерка притвор.

 

ОВР Кичево поднесена кривична пријава против Р.О.(57) од кичевското село Длапкин Дол и едно правно лице со седиште во истото село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Првопријавената, во својство на управител на правното лице и инвеститор, во населбата „Касарна Блок 1“ во Кичево,  при градба на станбена зграда, постапила спротивно на одобрението за градење, издадено од општина Кичево и над петтиот кат, наместо кров предвиден во проектот, неовластено изградила уште еден кат и поткровје.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.Ш.(50) од струшко поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот, во семејниот дом во струшко физички ја нападнал неговата 47-годишна сопруга.

 

На 20.11.2025 во 14:30 часот во СВР Скопје, Л.Ф.(69) од Скопје пријави дека во периодот од април 2025 до 20.11.2025 од гробно место на Градските гробишта Бутел во Скопје, биле одземени две бисти.  Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 20.11.2025 во 19:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, по претходно нарушени семејни односи бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.И.(52) и О.А.(40), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 20.11.2025 во 22:50 часот во СВР Скопје, С.И.(56) од Скопје пријави дека околу 16:00 часот на подрачјето на Карпош во Скопје, додека извршувал работни задачи како вработен во ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје, бил физички нападнат од неговиот колега А.Н.(35) од с.Грчец, скопско, кој употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 20.11.2025 во 23:40 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа А.Х.(13), за кој на 12.11.2025 од Јавна установа за згрижување деца беше пријавено дека се оддалечил од установата. Малолетникот е предаден на установата. 

 

На 20.11.2025 во 23:15 часот во СВР Скопје од Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив била донесена 46-годишната М.И. од Скопје, која се здобила со телесна повреда околу 22:00 часот за време на концерт во Културно информативен центар во Скопје, кога врз неа од таванот паднала решетка од вентилација. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

 

Мени за пристапност