На 15.06.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ж.В.(33) и Д.М.(18), двајцата од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 15.06.2026 во 11:40 часот во ОВР Свети Николе е пријавено дека на ул.„Филип Втори“ во Свети Николе се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген“ со светиниколски регистарски ознаки, управувано од 25-годишната С.Д. од Свети Николе и мопед со светиниколски регистарски ознаки, управуван од Т.Ш.(55) од Свети Николе. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклиститот, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од уводна екипа на ОВР Свети Николе.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против А.К.(49) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 10.04.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории на пријавениот, при што била пронајдена и одземена муниција.
На 15.06.2026 во 08:20 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Егејска“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед со прилепски регистарски ознаки, управуван од В.И.(46) од Прилеп и мопед управуван од Г.М.(55) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот В.И., констатирани во Градска болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Т.(23) од с.Долна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории каде престојувал пријавениот и на патничко возило кое го користел, при што била пронајдена и одземена марихуана.
На 15.06.2026 во 20:05 часот во ОВР Струга е пријавено дека во с.Вевчани се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „јамаха“ со струшки регистарски ознаки, управуван од 45-годишниот Б.Џ. од с.Мислодежда, струшко, и патничко возило „фолксваген голф“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од И.М.(51) од с.Вевчани, по што мотоциклот удрил во приколка од паркирано патничко возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, паркирано од Т.Д.(51) од с.Вевчани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Струга.
СВР Битола поднесе кривична пријава против И.С.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и „злоупотреба на лични податоци“. На 13.10.2025, пријавениот како административен службеник на шалтер за наплата во ЈЗУ Општа болница Прилеп фотографирал дебитна платежна картичка на едно лице од Прилеп и во периодот од 26.10.2025 до 19.02.2026 извршил 71 интернет трансакција со вкупна сума од 90.174 денари.
На 15.06.2026 во 12.22 часот СВР Битола е пријавено дека во нива во атар на с.Дедебалци, општина Могила, биле пронајдени четири неексплодирани гранати од Прва светска војна. Увид е извршен, а гранатите безбедно се подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.А.(42) од гостиварско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. По претходна расправија во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот татко и со нож му нанел повреди.
На 15.06.2026 во 10:10 часот полициски службеници ги привеле М.И.(29) од с.Ломница и К.М.(74) од с.Дебреше затоа што во во Полициската станица Гостивар го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна расправија. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.М.(50) од село во општина Врашчиште поради постоење основи на спмнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 28.04.2026, пријавената во два наврати телефонски упатувала закани кон нејзиниот сопруг и свекор.
На 15.06.2026 во 12:47 часот во СВР Тетово е пријавено дека во канал за вода има починато лице во атар на с.Горно Јеловце. Полициски службеници излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето Н.М.(64) од с.Дебреше, вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар. Според пријавеното, тој со колеги дошол на местото да го исчистат каналот на местот каде што имало канали за прибирање на проточни води, при што се заглавил во еден од каналите. Откако бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар, лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. На местото на настанот излегол и трудов инспектор, а увид на местото извршиле екипа од ОВР Гостивар и Јавен обвинител и по негова наредба телото на починатиот е дадено на обдукција.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Б.(55) од с.Крушеани, кривогаштанско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице при вршење службено дејствие“. На 07.03.2026 на излезот од с.Крушеани, пријавениот се однесувал агресивно и ги попречувал полициски службеници во извршување на нивните службени дејствија.
На 15.06.2026 во 11:00 часот, полициски службеници од СВР Битола ја лишија од слобода Ј.Ј.(44) од с.Нижеполе, битолско, затоа што се однесувала агресивно кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на настанот против неа ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против З.П.(61) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, како општински инспектор за животна средина, на 24.07.2024 при вршење на инспекциски надзор над водоводна инфраструктура во приватна сопственост во с.Конопница усно наредил на вработените од ЈП Комуналец да ги оштетат катанците од резервоарите кои служат како распределителна шахта.
На 15.06.2026 во 16:55 часот од ул.„Брегалница” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода П.Б.(26) од Битола. Според пријавеното, тој се заканувал со остар предмет на неговиот сосед Г.Р.(45) затоа што го пријавил дека неговото куче го нападнало и повредило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 15.06.2026 во 13:00 часот на бул.,,Прилепски бранители” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Н.Н.(58) од с.Дупјачани, општина Долнени, затоа што бил затекнат како со себе носел воздушна пушка. По целосно документирање на настанот, против него ќе следува соодветен поднесок.
На 15.06.2026 во 16:20 часот на ул„Евлија Челебија“ во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Б.Н.(51) од Кочани затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 16.06.2026 во 03:45 часот во СВР Скопје, 53-годишна жена пријави дека на 15.06.2026 околу 23:00 часот во домот на подрачјето на Чаир била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер В.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 15.06.2026 во 23:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во населба Ќерамидница, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Д.(32), Н.М.(29), од една страна и А.К.(23) и С.Д.(31), од друга страна, сите од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.М.(62) од с.Миладиновци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. На 12.11.2025, пријавениот со товарно возило на земјоделска површина во атар на с. Кукуричани, неготинско, во државна сопственост, истоварил 43 метални буриња исполнети со водени раствори на амонијак.
На 15.06.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје, 18-годишна жена пријави дека на 12.06.2026 околу 18:00 часот на подрачјето на Чаир, нејзиниот татко В.А. упатувал закани кон неа и нејзината малолетна сестра, по што и физички ја нападнал малолетната сестра. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 15.06.2026 во 11:30 часот во СВР Штип, од Клиничка болница Штип е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 17-годишник од с.Почивало, општина Карбинци. Според пријавеното, тој со повредите се здобил при пад од коњ и поради сериозноста на повредите е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување на лекарска помош. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Штип.
На 15.06.2026 во 21:30 часот во СВР Скопје, Ѓ.В.(70) од Скопје пријави дека на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од З.Ѓ.(40) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 15.06.2026 во 15:07 часот во ОВР Струга е пријавено дека на „Машка плажа“ во Струга, од водите на Охридското езеро е изваден давеникот С.С.(20) од с.Октиси, струшко, кој бил со педалинка во езерото. Тој е пренесен во Медицински центар Струга за укажување на лекарска помош,а во 16:05 часот починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција. Извршен е вид од увидна екипа на ОВР Струга.
На 15.06.2026 во СВР Охрид е извршен службен разговор со Р.Т.(34) од охридско село, постапувајќи по претходна пријава од неговата поранешна 32-годишна сопруга дека телефонски и упатувал закани. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 16.06.2026 во 07:30 часот во ОВР Дебар е пријавено дека околу 07:20 часот настанал пожар во една од просториите во приватна фирма во Дебар. Пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица Дебар, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Дебар.
На 15.06.2026 во 17:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во с.Бардовци, скопско, при што биле опожарени парцели со земјоделски култури сопственост на Т.Т.(49) и Г.М.(52), двајцата од с.Бардовци. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема.
На 15.06.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје, А.С. од Скопје пријави дека во парк на подрачјето на Шуто Оризари на клупа пронашол оставено бебе старо седум – осум месеци. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото, а екипа на Итна медицинска помош бебето го пренела во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што е извршен преглед и утврдено е дека бебето е во добра здравствена состојба без видливи повреди. По преземени мерки, во Полициското одделение Шуто Оризари на разговор се повикани М.М.(49), И.М.(54) и Ш.М.(32), сите од Скопје, кои појасниле дека Ш.М. на подрачјето на Центар се сретнала со С.Н., која ѝ го дала детето да го причува. Откако С.Н. не се вратила, Ш.М. со бебето заминала во населбата Шуто Оризари и го оставила детето во паркот. За настанот известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.