СВР Куманово поднесе кривична пријава против Х.А.(25) од с.Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 30.03.2025, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ч.Ј.Б.(26) од Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. На 06.01.2026 на бензинска пумпа во с.Жеровјане, тетовско, пријавениот платил производи со фалсификувана банкнота од 50 евра.
На 15.02.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Т.Г.(34), Д.В.(34), Д.П.(48) и 16-годишник, сите од Скопје, како и Д.А.(20) од с.Ново Село, скопско, К.Ј.(25) и Ѓ.М.(33), двајцата од с.Петровец, скопско, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 15.02.2026 околу 19:05 часот во СВР Куманово е пријавено дека на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, на место викано „Смилчинци“, општина Старо Нагоричане, патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од С.Т.(25) од с.Нерав, кривопаланечко, удрило во куче скитник, по што преминало во спротивна сообраќајна лента и дошло до директен судир со патничко возило „бмв“ со кривопаланечки ознаки, управувано од Ф.Ј.(27) од с.Длабочица, кривопаланечко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи и сопатничките од патничкото возило „бмв“, А.С.(20) и С.Ј.(53) двете од Крива Паланка, констатирани во Општа болница Куманово, каде што возачот С.Т. им подлегнал на повредите. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.
На 16.02.2026 во 06:30 часот во ОВР Струга е пријавено дека на магистралниот пат Подмоље- Струга, товарно возило „ман“, управувано од А.А.(52) од Република Албанија, удрило во пешакот У.Д.(75) од с.Ливада, струшко, кој од здобиените повреди починал на местото на несреќата. Лекар од Итна медицинска помош Струга констатирал смрт, а увид извршила увидна екипа на ОВР Струга. Претходно, во 06:05 часот е пријавено дека У.Д. се оддалечил од домот на негов роднина во струшкото село Мислешево и дека имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за расветлување на настанот.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Т.М.(33), А.А.В.(23) и А.Ѓ.(23), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во периодот од октомври 2024 година до февруари 2025 година, пријавените се здружиле поради неовластена продажба и пуштање на промет на екстази – МДМА и за таа цел купувале, држеле, продавале и посредувале во неовластена продажба и пуштање во употреба поголема количина на екстази.
На 15.02.2026 во 22:20 часот на ул.„Благоја Стефковски“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода А.С.(35) од Скопје. При преглед во возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки во кое се превезувал со уште едно лице, кај него е пронајден и одземен пиштол. Тој се сомничи дека на 15.02.2026 во 22:00 часот во угостителски објект во населба Скопско Поле, Трубарево, по претходно недоразбирање, со уште едно лице физички ги нападнале И.Ј.(31) од с.Марино, општина Илинден и Б.А.(32) од населба Илинден, општина Илинден, при што А.С. му упатил закани на И.С. со пиштол, сопственост на А.М.(30) од с.Стајковци, скопско, вработена во МВР, која била со нив. По преземени мерки, на 16.02.2026 во 02:05 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода и А.М.(30). Лицата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 15.02.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје, А.Б.Ж.(32) од Скопје пријави дека околу 13:30 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.02.2026 во 05:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 05:00 часот во продажен објект на подрачјето на Карпош во Скопје, две лица со закана кон вработената одзеле пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Р.(23) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.10.2025 на автопатот Скопје - Велес, пред клучка Кадино, полициски службеници сопреле мотоцикл, управуван од пријавениот, по што извршиле преглед над пријавениот и пронашле и одзеле марихуана.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.М.(61) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на 2025 година, како инвеститор, пријавениот изградил куќа на катастарска парцела во с.Сиричино, општина Јегуновце, без да поседува одобрение за градба издадено од надлежен орган.
На 15.02.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје, 41-годишна жена од скопско пријави дека на 14.02.2026 околу 21:00 часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг Т.А. , со кого се во бракоразводна постапка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 15.02.2026 во 00:35 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Т.В.(55) од скопско, постапувајќи по претходна пријава дека на 14.02.2026 околу 22:30 часот во стан на подрачјето на Ѓорче Петров физички ја нападнал неговата 59-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 15.02.2026 во 23:05 часот во СВР Скопје, 27-годишна жена пријави дека oколу 21:00 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, со употреба на физички сила била насилно ставена во патничко возило, при што била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Е.М.(33). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 14.02.2026 во 23:30 часот во СВР Скопје, Ќ.К.(39) од скопско пријави дека на 14.02.2026 во 20:30 часот во село во општина Сарај, по претходна расправија со друг малолетник, неговиот 14-годишен син бил физички нападнат од малолетникот и неговиот татко Ф.Х., двајцата од истото село. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 15.02.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје, Ф.Н.(25) од Скопје пријави дека околу 14:00 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 15.02.2026 во 22:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Е.(34) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 16:00 часот во семејниот дом физички ги нападнал неговата 58-годишна мајка и неговата 30-годишна сопруга, при што употребил и остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.