На 12/13.11.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ш.Д.(38), Б.Ш.(29), К.А.(27), В.А.(18), сите од Скопје и 16-годишник од велешко затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 12.11.2026 во 12:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бензинска пумпа на ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје, 67-годишниот Р.К. од населба Сингелиќ, скопско, откако наполнил гориво и го паркирал тракторот „имт“ со прикачена работна машина со скопски регистарски ознаки, застанал до тракторот кој во еден момент сам се придвижил и со задното трклало го прегазил. Притоа, Р.К. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што во 20:30 часот починал. Лекар констатирал смрт, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.А.(22) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 15.05.2025 и 18.09.2025, полициски службеници извршиле преглед кај две лица, при што била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавиле од пријавениот.
На 12.11.2026 во 14:34 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода А.М.(25) од Република Албанија. При гранична контрола и проверка на товарното возило „волво“ со приколка „кроне“ со албански национални ознаки, кое го управувал, било констатирано дека ВИН бројот на приколката не постои на место каде што е предвидено по фабричка оригиналност. По консултација со јавен обвинител, приколката е одземена, а лицето е задржано во СВР Куманово. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 12.11.2026 околу 11:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Перо Наков“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.А.(58) од Скопје и велосипед управуван од Д.Ј.(63) од с.Трубарево, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Д.Р.(34) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи’’. На 21.08.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени полуавтоматско огнено оружје „Црвена Застава” кал.9 мм, 187 куршуми калибар 9 мм и 40 куршуми калибар 30-06.
На 12.11.2026 околу 22:00 часот на Граничен премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишија од слобода А.М.(42) од Република Албанија. При гранична контрола и проверка било констатирано дека патничкото возило „волво“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал, било предмет на потрага на Интерпол. Возилото е одземено, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 12.11.2026 во 18:04 часот во СВР Битола е пријавено дека на патот од Битола кон границата со Република Грција се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено лагуна“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј.(64) од с.Долно Егри, битолско и велосипед управуван од З.Н.(64) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во болницата во Битола. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Д.А.(66) од Злетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот, подолг период физички ја малтретирал и упатувал закани на неговата сопруга.
На 12.11.2026 во 11:20 часот во СВР Охрид е пријавено дека на сервисна улица во поранешен комплекс Отекс се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Ф.С.(47) од Струга и велосипед управуван од 73-годишната Б.С. од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.С., констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Охрид.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.Б.(38) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста”. Пријавениот, преку мобилна апликација упатувал закани на неговата поранешна 32-годишна сопруга.
На 12.11.2026 во 15:30 часот во с.Србиново, гостиварско, полициски службеници од ОВР Гостивар ги лишија од слобода Б.Д.(23) од Гостивар и И.Г.(23) од с.Србиново, гостиварско, затоа што при преглед кај нив била пронајдена и одземена марихуана. Тие биле задржани во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(69) од Битола и правно лице од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „даночно затајување“. Првопријавениот, управител на правното лице, за 2024 година одбегнал делумно плаќање на данок на добивка, поточно прикажал расходи, а потоа во книговодствената евиденција не приложил веродостојна документација или спецификација на трошоци со која би се утврдило за кој период и за што се однесуваат прокнижените расходи. Од УЈП е извршена контрола и донесено е Решение со кое на правното лице му е наложено да изврши уплата на вкупна сума заедно со пресметана камата во износ од 501.765 денари.
На 12.11.2026 во 10:05 часот во СВР Скопје, Н.К.(37) од с.Рашче, скопско, пријави дека на 11.11.2026 околу 09:40 часот пред влез на основно училиште во с.Рашче, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од пет малолетници кои употребиле и тврди предмети и му нанеле тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ш.Т.(23), Х.Ѓ.(21) и М.Б.(23), сите од Турција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „самовластие“. На 03.11.2026 во куќа во с.Стар Караорман, штипско, пријавените со закана со огнено оружје од А.Р.Ј., М.Ч., С.С., Д.Ѓ., О.А. и Х.Б., сите од Турција, одзеле шест лап-топ компјутери, пет мобилни телефони, пари и лични документи на А.Р.Ј.
На 12.11.2026 во 22:10 часот на ул.„ЈНА“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишија од слобода С.М.(40) и А.П.(46), двајцата од Тетово. Тие биле затекнати при купопродажба на бела прашкаста материја, а по извршен преглед над нив биле пронајдени и одземени прашкаста материја и пари. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.
На 12.11.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, И.Б.(45) од Скопје пријави дека на 11.11.2026 околу 12:30 часот во двор од основно училиште на подрачјето на Бит Пазар, Љ.М. го фатила за раце неговиот малолетниот син, по што малолетниот син на Љ.М. го нападнал со тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.И.(52) од тетовско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 13.08.2026 во семејниот дом, пријавениот фрлил тврд предмет кон неговиот 26-годишен син, но не го погодил.
На 13.11.2026 во 01:45 часот во СВР Тетово, од Клиничка болница Тетово било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди од остар предмет биле донесени Ј.Р.(48) од с.Брвеница и С.Т.(50) од с.Сараќино, тетовско. Според пријавеното, со повредите се здобиле при обид во казино во Тетово да ги разделат В.А.(44) од с.Џепчиште и А.И.(33) од с.Требош, кој бил со С.И.(26) и Ш.С.(26) од Требош, кои го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. Поради сериозноста на повредите, Ј.Р. е префрлен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека С.Т. е задржан на лекување во Клиничка болница Тетово. Во врска со настанот, во 03:45 часот од слобода е лишен Ф.Х.(34) од с.Требош, вработен во казиното, поради сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „насилство“. Статус на лишено лице има и В.А., кој поради влошена здравствена состојба е задржан под полициски надзор во Клиничка болница Тетово. Додека, пак, утрово во 08:50 часот во Полициската станица Тетово сами се пријавиле А.И., С.И. и Ш.С. и биле задржани за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.С.(37) од с.Џепчиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 22.09.2026, пријавениот физички го нападнал А.А.(44) и му нанел тешки телесни повреди.
На 12.11.2026 во 21:55 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено четиригодишно девојче од с.Средно Коњари, скопско. Според пријавеното, со повредите се здобило пред два дена при пад од скали во семејната куќа. Излезено е од полициски службеници од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот.
На 12.11.2026 во 20:25 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода Е.К.(18) од Битола и Т.Н.(19) од Велес. При преглед во патничко возило „фиат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Т.Н., а совозач бил Е.К., кај нив била пронајдена и одземена марихуана. Тие биле приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против С.Б.(64) од с.Мустафино, светиниколско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 30.10.2026, пријавениот предизвикал пожар со палење на стрниште на парцела на површина од околу 20 декари во атар на с.Мустафино, светиниколско.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.Р.(25) од струшкото село Тефериќ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.10.2026 на улицата „Партизанска“ во Струга, тој заедно со уште две други лица со дрвени палки го нападнале К.М.(26) од Охрид.
На 12.11.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје, А.К.(45) од Скопје пријави дека околу 21:00 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, едно лице му упатувало закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ќ.И.(67) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во текот на јули оваа година, тој испратил смс пораки со заканувачки содржини на А.В.(30) од Дебар.
На 12.11.2026 во 20:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Д.(41) и В.М.(57), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 12.11.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје, 59-годишен маж пријави дека околу 13:00 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неговата сопруга Д.Х.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против А.М.(19) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „полово вознемирување“ и „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина“. Во периодот од 30.07.2026 до 07.08.2026, пријавениот преку мобилни апликации и уреди, направил експлицитни видеа и фотографии од 18-годишна девојка од виничко без нејзина согласност и преку социјални мрежи и испраќал пораки со навредлива содржина, ја вознемирувал и ѝ се заканувал дека видеата и снимките ќе ги направи достапни за трети лица.
На 12.11.2026 во 15:30 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа К.Љ.(19) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал П.Ф.(19) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.Ј.(30) Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Пријавениот, насилно влегол во канцеларија на јавен обвинител во ОЈО Гостивар, упатувал закани, а потоа во ходник во Основен суд Гостивар со остар предмет нападнал судски полицаец.