Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 07.08.2026

Извадок на дел од дневните настани 07.08.2026

 

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против М.К.(38) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 08.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени две ловечки пушки и различни видови на додатоци за правење на ловечка муниција.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против Б.Б.(49) и Ќ.Х.(55), двајцата од Република Србија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“. На 01.08.2026 и на 03.08.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавените на увид приложиле фалсификувана хрватска возачка дозвола, односно фалсификувана италијанска возачка дозвола.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.О. (29) од с.Равен, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 28.07.2026 пред угостителски објект, по претходна расправија, пријавениот со остар предмет го нападнал Т.М.(22) од истото село.

 

На 06/07.08.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Т.Б.(19), Е.Е.(18), Ф.С.(42) и Е.С.(26), сите од Скопје, како и Ј.А.(30) од Шведска, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја  и дробилка.  По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 06.08.2026 во 15:10 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово е пријавено дека околу 13:10 часот, при извршен претрес кај осуденикот З.И.(29) од Скопје биле пронајдени и одземени 27 пакувања со марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 06.08.2026 во 13:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Јане Сандански“ и сервисна улица, на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус „ман“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Т.П.(47) од с.Ново Село и патничко возило „форд фокус“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(55) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 64-годишната В.В. од Скопје, патничка во автобусот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје.  Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 06.08.2026 во 11:15 часот во виничко село, полициски службеници од ОВР Виница го лишија од слобода П.Т.(34), постапувајќи по претходна пријава дека на 31.07. и на 06.08.2026 во дворот од нивниот семеен дом, физички го нападнал неговиот 60-годишен татко. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 17:00 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во државата, полициски службеници  го лишија од слобода А.И.(38) од Косово. При пасошка контрола и гранични проверки било констатирано дека евидира со мерка „апси“ по барање на Секторот за меѓународна полициска соработка – Интерпол. Лицето било предадено во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка.

 

На 06.08.2026 во 19:50 часот во с.Брњарци, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Р.С.(42) од с.Брест, скопско. При сообраќајна контрола во с.Брњарци, полициските службеници сопреле патничко возило  „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Р.С. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 18:00 часот во ОВР Кочани, С.А. од Кочани пријави дека неговата 10-годишна внука му се пожалила дека подолг период била психички и физички малтретирана од нејзиниот татко и поради тоа не сакала да се врати да живее со нејзината мајка и нејзиниот татко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.08.2026 во 14:41 часот во СВР Штип е пријавено дека во дворно место во с.Стар Караорман, штипско, сопственост на С.Н.(49) од Штип, настанал пожар во две негови патнички возила - „фолксваген венто“  и  „фолксваген голф“, двете со штипски регистарски ознаки. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип. Увид извршила екипа на СВР Штип.

 

На 06.08.2026 во 11:45 часот на ул.„Неџат Аголи“ во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода Е.Р.(19) од с.Селокуќи, дебарско. При сообраќајна контрола,  полициските службеници сопреле патничко возило  „рено“ со дебарски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Е.Р. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против двајца малолетници од Гостивар и В.Д.(20) од с.Бојане, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 02.08.2026 во Гостивар, по претходна расправија, пријавените физички ги нападнале А.В.(22) од Гостивар и Л.Е.(18) од с.Долна Бањица, при што употребиле тврди предмети. Малолетниците веднаш се обезбедени и со нив бил извршен службен разговор во полициска станица, а В.Д. на 04.08.2026 бил задржан во Полициската станица Гостивар откако претходно бил лишен од слобода од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.Ш. (62) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 09.07.2026 пријавениот фрлал тврди предмети кон малолетник. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против В.П.(41) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 30.03.2026 во Гостивар, пријавениот со остар предмет се обидел да го нападне И.Р.(42) од с.Чајле, гостиварско, додека извршувал работни задачи како вработен во Јавното претпријатие „Комуналец“ - Гостивар.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против М.У.(46) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во јули 2026 година во Берово, пријавениот упатил закани кон Е.Ч.. 

 

На 06.08.2026 во 21:50 часот на кеј „19 Септември“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода  Ј.Р.(27) и Д.Р.(26), двајцата од Прилеп, затоа што  при преглед кај нив, кај Д.Р. била пронајдена прашкаста материја. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.08.2026 во 23:45 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода А.Ф.(36) од тетовско, со престој во Тетово, постапувајќи по претходна пријава од неговата 26-годишна сопруга дека околу 21:00 часот во нивниот дом ја избркал од домот заедно со нивните три малолетни деца, а потоа и физички ја нападнал. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.08.2026, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад ги лишија од слобода В.В.(34) и Е.В.(30), двајцата од село Жировница, затоа што при преглед кај нив бил пронајден и одземен кокаин. Тие се задржани во Полициската станица Гостивар, а при преземање на службени дејствија, тие физички нападнале полициски службеник, Тие биле изведени пред судија во претходна постапка, кој им одредил мерка на претпазливост и им биле одземени патните исправи.

 

На 06.08.2026 во 10:00 часот на ул.„8 Септември“ во Битола,  полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода А.Ј.(32) од Скопје. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле возило „фолксваген“ со битолски регистарски ознаки, управувано од А.Ј., при што било констатирано дека не поседува возачка дозвола. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.08.2026 во 20:00 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци извршија службен разговор со Г.Л.(39) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава од неговата 34-годишна сопруга, со која бил во бракоразводна постапка, дека не го почитувал решението од Основен суд Неготино и во угостителски објект во Кавадарци и се заканувал и не и дозволувал да биде со нејзиното малолетно дете. По документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 22:20 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода И.Т.(21) од Велес. При сообраќајна контрола на улица „Ангел Мишев“ во Велес бил сопрен мопед со велешки регистарски ознаки, управуван од И.Т. и по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека го управувал пред да се стекне со право на управување. По насоки од јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, мопедот бил одземен и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 16:40 часот во струмичко село, полициски службеници од СВР Струмица лишија од слобода 51-годишен жител на селото, постапувајќи по претходна пријава дека на 01.08.2026 на тераса од семејниот дом физички го нападнал неговиот 19-годишен син и го турнал по скали, кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар Струмица. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 20:00 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија го лишија од слобода М.С.(31) од Гевгелија. Според пријавеното, на 05.08.2026 околу 23:00 часот во Гевгелија тој агресивно се однесувал кон неговата 27-годишна поранешна девојка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 06.08.2026 во 14:30 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Кратово, полициски службеници од ОВР Кратово го лишија од слобода И.Л.(74) од Крива Паланка. При сообраќајна контрола на ул. „Гоце Делчев“ во Кратово, било сопрено патничко возило „дачиа сандеро“ со кривопаланечки регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека го управува без положен возачки испит, односно без возачка дозвола. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.   

 

На 06.08.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје, С.С.(35) од Скопје пријави дека околу 17:00 часот на подрачјето на Центар замолил едно машко лице да му помогне да извади пари од банкомат, но откако ги извадиле, лицето со употреба на сила ги земало парите и се дало во бегство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.08.2026 во 23:35 часот во СВР Скопје, Б.Б.(30) од Скопје пријави дека околу 22:50 часот, на подрачјето на општина Аеродром, била физички нападната од нејзината сосетка М.Т.(35). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.08.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје, Б.Л.(45) од Скопје пријави дека околу 12:00 часот на подрачјето на Гази Баба, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.08.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје, А.А.(41) од Скопје пријави дека околу 14:00 часот на подрачјето на Бит Пазар до нејзината малолетна ќерка застанало патничко возило во кое имало две лица, по што едно од лицата со закана ѝ одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.08.2026 во 01:30 часот во СВР Скопје, 38-годишна жена од Скопје пријави дека на 06.08.2026 околу 20:30 часот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзиниот партнер Н.С., кој со тврди предмети го оштетил нејзиното патничко возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.08.2026 околу 04:00 часот во СВР Скопје, Р.З.(25) од с.Глумово, скопско, пријави дека во с.Сарај, скопско, додека со негов другар биле во паркирано патничко возило, застанале две лица со мотоцикл, по што едното од нив од огнено оружје испукало неколку куршуми кон возилото и го оштетило. Повредени лица нема и се преземаат мерки за расчистување на случајот.     

 

На  07.08.2026 околу 01:30 часот во близина на граничната линија со Грција, од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Богородица биле пронајдени три лица мигранти од Авганистан, кои биле спроведени во Прифатно– транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. Бидејќи едно од лицата имало повреда на раката, било пренесено во Итна медицинска помош, каде му била укажана помош и лекар констатирал дека повредата е од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Мени за пристапност