Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 05.02.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Г.Г. и Ј.Г., двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање на промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘. На 15.02.2025 полициски службеници извршиле претрес во дом во Гостивар, при што биле пронајдени и одземени марихуана, хашиш и дигитална вага, кои пријавените ги продавале на подрачјето на општина Гостивар. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против В.Д.(46) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 18.11.2025 на објава од медиум на социјална мрежа, пријавениот од негов профил напишал коментари со кои ширел омраза.

 

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против И.М.(51) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 08.11.2025, полициски службеници сопреле патничко возило „сеат ибица“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека пријавениот на увид приложил фалсификувана возачка дозвола.

 

На 04/05.02.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ј.В.(38), Б.И.(23) и Ш.А.(23), сите од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите  ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Г.П.(64) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во семејниот дом, пријавениот упатувал закани на неговата 60-годишна сопруга и неговиот 40-годишен син, при што оштетил дел од покуќнината. 

 

На 04.02.2026 во 17:25 часот во с.Пепелиште, неготинско, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграциии го лишија од слобода О.П.(51) од с.Пепелиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 од КЗ. Полициските службеници запреле патничко возило „ровер фрилендер" со велешки регистарски ознаки, кое О.П го управувал и при извршен преглед, во возилото биле пронајдени и одземени 25 туби со по 20 литри нафта за кои не поседувал соодветна документација. Тој е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Неготино, а по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 05.02.2026 во 05:20 часот во СВР Скопје, 25-годишна жена пријави дека на 04.02.2026 околу 21:00 часот во домот на подрачјето на Ѓорче Петров била физички нападната од нејзиниот партнер М.С.(41) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.02.2026 во 11:30 часот во СВР Скопје, 41-годишна жена од скопско, пријави дека на 03.02.2026 околу 13:00 часот во семејниот дом, била физички нападната од нејзиниот девер Д.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.02.2026 во 22:40 часот во СВР Скопје, М.Ј.(36) од скопско, пријави дека околу 20:30 часот на подрачјето на Кисела Вода, С.Л. насилно и го одзел мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.02.2026 во 17:30 часот во СВР Скопје, А.Д.(31) пријави дека околу 13:00 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од В.К.(55), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

На 05.02.2026 во 01:18 часот во СВР Куманово е пријавено дека настанал пожар во продажен објект на улицата „11 Ноември" во Куманово, сопственост на М.Г.. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово. Нема повредени лица, а увид извршила екипа од СВР Куманово.

 

На 04.02.2026 во 20:20 часот на автопатот Тетово-Велес, кај клучка Кадино, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода В.Ѓ.(44) од с.Кадино, скопско. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници запреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал В.Ѓ. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,77 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.

 

 

 

 

Мени за пристапност