ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.З.(26) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи “ по член 396 од Кривичниот законик. На 31.10.2026 година во 01:35 часот на булевар „Ослободување“ во Кичево, пријавениот беше лишен од слобода затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои преземале службени дејствија, при што кај него се пронајдени и одземени малокалибарски пиштол калибар 22 мм и 31 куршуми, кои нелегално ги поседувал. Подоцна, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени се и одземени една опаковка со кокаин и неколку други опаковки со остатоци од кокаин.
На 02.11.2026 на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.А.(20) од с.Ново Село, Општина Зелениково, затоа што кај него е пронајдена и одземена бела грутчета материја. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.А.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 18.07.2026 во семејниот дом во село во општина Маврово и Ростуше, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка.
На 02.11.2026 во 11:50 часот, полициски службеници од Полициското одделение Чегране го лишија од слобода З.С.(68) од с.Чегране. Тој бил баран со судска наредба за издржување на затворска казна за сторено кривично дело по член 284-а од Кривичниот законик. Лицето е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.Б.(26) и М.Б.(32), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик. При претрес во нивниот дом, како и во дворот од соседна куќа, извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 02.11.2026 околу 10:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го приведоа М.З.(50) од село Пчиња, кумановско. Тој бил забележан пред банка на улица „Иво Лола Рибар“ во Куманово при извршување на кривично дело „затајување“, односно на оштетените граѓани им нудел помош за да им извади пари од банкомат, но искористувајќи го нивното невнимание тој земал дел од парите. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Ј.(38) и Љ.И.(22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 05.06.2026 на бензинска пумпа на автопатот Куманово-Скопје, пријавените физички го нападнале А.Ф. од Куманово и му нанеле повреди.
На 02.11.2026 во 19:55 часот во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишија од слобода А.К.(49) од Свети Николе, постапувајќи по претходна пријава дека, по кратка расправија во семејниот дом, се заканувал на неговата 21-годишна ќерка. За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе следува соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.Т.(55) од с.Лескоец, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 03.08.2026 на автобуската постојка во Охрид, пријавената попречувала полициски службеници при вршење службени дејствија.
На 02.11.2026 во 18:00 часот во СВР Тетово, 34-годишна жена од Тетово пријави дека нејзиниот поранешен 30-годишен партнер од Скопје ја следел и ѝ упатувал закани и на тој начин не го почитувал решението за заштитни мерки изречено од Основен суд Тетово. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 02.11.2026 во 13:40 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го приведоа Н.Н.(23) од село Криволак, неготинско. Тој бил баран по наредба од Основен суд Неготино за издржување на казна затвор за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на казната.
Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода пет возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, тројца управувале возило без положен возачки испит и тоа: Н.И.(41) од с.Сарај, скопско, 16-годишник од с.Танушевци, скопско и И.Г.(29) од с.Богородица, гевгелиско. Со забрана за управување на моторно возило возел В.Н.(22) од с.Грчец, скопско. Додека, под дејство на алкохол возел Е.М.(45) од с.Дебреше, гостиварско. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.Д.(48) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 03.03.2026 на магистрален пат А2, полициски службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“, во кое пријавениот бил сопатник и кој од прозорец фрлил марихуана, која е пронајдена и одземена.
На 02.11.2026 во 11:00 часот во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода С.Д.(30) од Неготино. Тој се сомничи дека од возила во Неготино, сопственост на 36-годишен неготинец, со употреба на сила одзел разни предмети. Дел од одземеното било пронајдено и предадено во Основното јавно обвинителство Кавадарци за понатамошна постапка. По наредба на Основен суд Неготино, С.Д., на кого му е определена мерка притвор во траење од осум денови, бил спроведен во Казнено - поправна установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката.
Денеска (03.11.2026) во 01:45 часот во ОВР Струга е пријавено дека на регионален пат во с.Велешта, струшко, патничко возило „фиат“ со струшки регистарски ознаки, управувано од В.Ѓ.(21) од с.Велешта, удрило во бандера и излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот В.Ѓ., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга и увидна екипа од ОВР Струга.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против М.Т.(51) од с.Претор поради постоење основи на сомнение сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 24.3.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземни две пушки со калибар 12, пушка калибар 7,99 мм, пиштол калибар 6 mm и 417 парчиња муниција, кои ги поседувал без дозвола.
На 02.11.2026 во 18:30 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода М.Ѓ.(36) од Прилеп, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата поранешна партнерка од Прилеп. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.11.2026 во 16:00 часот во ОВР Кавадарци, 42-годишна кавадарчанка пријави дека во домот, нејзиниот малолетен син физички ја нападнал и ѝ се заканувал. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.М.(47) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 13.10.2026 во Куманово, пријавениот подметнал пожар на паркирано патничко возило „ауди“, сопственост на Љ.А. од с.Черкези, кумановско.
На 02.11.2026 во 21:40 часот во СВР Битола, 36-годишна битолчанка пријавила дека во семејниот дом во Битола била физички нападната од нејзиниот сопруг. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Х.(37) од с.Речане, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шуми“. На 04.09.2026 во атар на с.Ново село, на место викано „Бунец“, пријавениот неовластено извршил сеча на буково дрво, со што причинил штета на државниот буџетот во износ од 76.519 денари.
На 03.11.2026 околу 01:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на 02.11.2026 околу 18:00 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош, Н.Н.(53) од Скопје со тврди предмети бил физички нападнат од З.В., при што се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.11.2026 околу 14:50 часот во СВР Скопје, Ф.К.(34) од Скопје пријави дека пред угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.11.2026 во 20:00 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.У.(37) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот со остар предмет упатувал закани кон неговата 60-годишна мајка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 03.11.2026 во 01:40 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.П.(44) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 41-годишна сопруга, со која биле во бракоразводна постапка, дека на 02.11.2026 се јавил на нивната малолетната ќерка и ѝ упатувал закани, а потоа дошол и тропал на влезната врата од домот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.11.2026 околу 21:50 часот во СВР Скопје, Д.Б.(21) од Кавадарци пријави дека на автопатот од Скопје - Велес, кај клучка Хиподром, друго возило му го попречило патот, по што од него излегле две лица и едното од нив го физички го нападнало и му упатило закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 03.11.2026 во 04:00 часот во СВР Скопје, 38-годишен маж пријави дека на 02.11.2026 околу 20:00 часот во домот во скопско, неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер А.Ј.(20) и неговата мајка Б.Ј.(42). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.11.2026 во 10:40 часот во СВР Скопје, Д.Т.(48) од Скопје пријави дека околу 07:00 часот на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од две лица, кои ги познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.11.2026 околу 11:45 часот во СВР Скопје, од Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски“ е пријавено дека кај нив со повреди бил донесен И.Ц.(62) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фирма на подрачјето на Кисела Вода. Известен е трудов инспектор.
На 02.11.2026 во 20:40 часот во СВР Скопје, 29-годишна жена пријави дека во приватна здравствена установа на подрачјето на Карпош, Д.Н. ја допирал по телото и ја вознемирувал. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 02.11.2026 во 13:30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, полициски службеници од СВР Скопје, во присуство на родител, извршија службен разговор со 17-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во двор од средно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров физички го нападнал О.А.(18) од Скопје, а потоа заедно со неговите другари му упатиле и закани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.11.2026 околу 09:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека во близина на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.