СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.А.(32) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 22.03.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „масерати”, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 18.08.2025 во с.Бучинци, скопско, пријавениот со употреба на тврд и остар предмет од домот на едно лице одзел пари.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(28) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Во период од октомври 2024 до 20.06.2025, пријавениот со закани по живот, во неколку наврати изнудил пари од оштетениот, нанесувајќи му вкупна штета од 356.000 денари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.М.(50) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство”. На 08.08.2025 во с.Желино, тетовско, на наплатна рампа, физички го нападнал Б.А., при што употребил тврд предмет.
На 31.08./01.09.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Х.Р.(51) , Н.С.(48) и 37-годишната Ѓ.С., сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 31.08.2025 во 08:14 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат с.Булачани– с.Црешево, скопско, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале трактор „имт“, управуван од В.Р.(35) и трактор „имт“, управуван од М.Р.(31), двајцата од с.Љуботен, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Е.С.(46) од истото село, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и уште двајца малолетни сопатници, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 31.08.2025 во 17:30 часот во СВР Тетово било пријавено дека во с. Синичане, општина Боговиње, четирицикл со кумановски регистарски ознаки, управуван од П.К.(31) од Тетово, се превртел на патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Н.С.(26) од Скопје, а со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против Д.С. на работно место полицаец во ПС Чаир при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од КЗ. Пријавениот полициски службеник како службено лице во просториите на Одделението за управни работи Скопје се потпишал и подигнал 11 лични карти и список-извештај за скенирани лични карти за лица кои живеат на станично подрачје на ПО Мирковци во Општина Чучер Сандево, по што со пропуштање на должен надзор над преземените лични карти, пријавениот не ги доставил во ПО Мирковци за понатаму граѓаните да ги подигнат, ниту пак пријавил дека личните карти недостасуваат, со што на граѓаните им е причинета материјална штета и им го ограничил правото за користење, како и за навремено изготвување и подигање на личните карти. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и да се отстрани од работното место- суспендира до завршување на дисциплинската постапка.
Денеска (01.09.2025) во 03:00 часот во СВР Скопје, 26-годишна жена од Скопје пријавила дека на 31.08.2025 околу 22:50 часот на подрачјето на Карпош, додека била на нејзиното работно место во спортска обложувалница, била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Д.К.(27) од Скопје, а исто така ѝ ја одзел чантата со лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (01.09.2025) во 00:40 часот во СВР Скопје, А.Р.(22) од Скопје пријавил дека околу 00:05 часот во близина на казино на подрачјето на Чаир, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 31.08.2025 во 23:55 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Е.(31) од Скопје, по претходна пријава дека околу 23:40 часот физички ја нападнал 29-годишната Д.А. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.Б.(26) од с.Косел, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле контрола на едно лице од Охрид, при што пронашле и одзеле марихуана што ја набавил од пријавениот.
Денеска (01.09.2025) околу 00:30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, С.И.(24) од Скопје пријавила дека на 31.08.2025 пред нејзиниот дом во Скопје, нејзиниот поранешен вонбрачен партнер А.К. ја зел нивната малолетна ќерка и со патничко возило го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (01.09.2025) во 04:56 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Тале Христов“ во Скопје настанал пожар во продажен објект, сопственост на Ј.И.(81) од Скопје. Повредени лица нема, а екипа на Бригадата за противпожарна заштита го изгаснала пожарот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (01.09.2025) во 02:08 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Ржаничино, скопско, настанал пожар во патничко возило „рено лагуна“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на П.А.(29) од с.Ржаничино, скопско. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот. Извршен бил увид.