Сектор за меѓународна полициска соработка

Што е СЕЛЕК, активности и цели

 

 

 

 

 

СЕЛЕК (Southeast European Law Enforcement Center – SELEC)


Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК) е меѓународна организација за спроведување на законот, основана со договор кои ги соединува ресурсите и експертизата на полициските и царинските служби кои ги здружуваат своите напори за поефикасна борба против прекуграничен организиран криминал во регионот. 

Како наследник на СЕКИ Центарот основан во 1999 година, СЕЛЕК дава поддршка на своите 11 земји членки и ја зајакнува координацијата во превенцијата и борбата против криминалот, вклучително против транснационалниот организиран и сериозен криминал. 

Основачкиот документ на СЕЛЕК е Конвенцијата за Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа која влезе во сила на 7 октомври 2011 година, датумот кога СЕКИ центарот стана СЕЛЕК, при што неговите оперативни и стратешки способности беа префрлени во СЕЛЕК. 

Единаесетте земји членки на СЕЛЕК се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Турција.

Покрај 11-те земји членки, СЕЛЕК има и 25 партнерски земји и организации (Интерпол, САД Италија Обединетото Кралство и Саудиска Арабија како оперативни партнери и Австрија, Белгија, Белорусија, Чешка Република, EUBAM, Франција, GCC-CIC, Грузија, Германија, Меѓународна организација за миграција (IOM), Јапонија, Израел, Холандија, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Украина, UNODC, UNMiK, UNODC, WCO, како набљудувачи) и има воспоставено многубројни партнерства со разни организации, како и со приватниот сектор. 

Оперативните активности на СЕЛЕК се спроведуваат главно во рамки на осум oперативни групи кои разгледуваат прашања поврзани со трговија со дрога и луѓе, украдени возила, криумчарење и царински измами, финансиски и компјутерски криминал, тероризам, безбедност на контејнери и криминал поврзан со животната средина и околина.

Со цел да обезбеди константна поддршка за неговите земји членки, СЕЛЕК обезбедува мултинационална експертиза за службите за спроведување на законот во Југоисточна Европа нудејќи им ја потребната платформа за размена на информации и барања за помош преку офицерите за врски на земјите членки упатени во седиштето на СЕЛЕК, поддршка за оперативни средби, заеднички истраги и регионални операции, како и испорака на квалитетни аналитички производи (т.е. OCTA SEE). 

Со цел олеснување и забрзување на соработката во истраги за случаи поврзани со сериозен прекуграничен криминал во Југоисточна Европа, надополнувајќи ја работата на полицијата и царината, под покровителство на СЕЛЕК од 2003 година е оперативна и Советодавната група на обвинители од Југоисточна Европа (SEEPAG), мрежа на искусни обвинители кои воспоставуваат меѓународна соработка за кривични работи. 

СЕЛЕК исто така обезбедува и платформа за обука со оглед на тоа што има целосно екипиран Центар за обука во рамки на своето седиште лоцирано на десетиот кат во Палатата на Парламентот во Романија. 

Во 2019 СЕЛЕК ја стави на располагање за своите земји членки Единицата на оперативниот центар опремен со најмодерна технологија, стремејќи се кон зајакнување на оперативните капацитети на службите за спроведување на законот кои се борат против нелегалната трговија преку зголемување на мобилноста и капацитетот за собирање подобри информации од земјите членки. 

Во 2020 година, и покрај кризата со Ковид-19, следејќи ги најновите ИТ достигнувања, СЕЛЕК воспостави нов ИТ систем за размена на информации - SIRAT, најмодерна технологија која овозможува брза и безбедна размена на информации како во рамките на СЕЛЕК така и меѓу земјите членки при нивната оперативна комуникација. 

 

Значајно е да се напомене дека на една од трите менаџерски позиции на СЕЛЕК се наоѓа претставник од Република Северна Македонија, што е потврда на нашите заложби за развивање на сериозен партнерски пристап во регионот и пошироко.