ИНТЕРПОЛ

 

Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ е најголемата меѓународна полициска организација, во која членуваат 190 земји од светот (по бројот на членство, е втора најголема светска организација, после ООН).

Формирана е во 1923 година, со цел да ја олесни меѓународната полициска соработка, како и да им даде поддршка и помош на сите организации, служби и сервиси, чија задача е превенција и борба против меѓународниот криминал.

 

ВИЗИЈА:

Поврзување на полициите за побезбеден свет„ – Визија на ИНТЕРПОЛ е свет во кој сите службеници кои работат на спроведување на законот да можат преку ИНТЕРПОЛ безбедно да комуницираат, да споделат и добијат клучни полициски информации секогаш кога е потребно, обезбедувајќи ја безбедноста на граѓаните во светот. ИНТЕРПОЛ константно обезбедува и промовира иновативни и современи солуции за глобалните предизвици во полициското делување и безбедноста.

 

МИСИЈА:

Превенција и борба против криминалот, преку зајакната соработка и иновација во полициските и безбедносните работи

ИНТЕРПОЛ ја олеснува најшироката можна меѓусебна помош помеѓу криминалистичките служби. Осигурува дека полициските служби ширум светот можат да комуницираат безбедно, како и директен пристап до полициски податоци и информации на глобално ниво. Обезбедува оперативна поддршка во специфички области на криминалот. Континуирано работи на подобрување на полициските капацитети во превенција и борба против криминалот и развој на вештини неопходни за ефективно меѓународно полициско делување.

 

ПРАВИЛА ЗА СОРАБОТКА:

•     третиот член од статутот забранува ИНТЕРПОЛ да врши било какви дејствија и посредувања кои имаат политичко, верско, расно или воено значење;

•      соработката се однесува исклучиво за таканаречени вообичаени криминални дејствија;

•     во секое барање мора да се наведе причината за собирање на потребните информации и секако мора да се наведе точно одредено казнено дејствие.

 

Организациската структура на ИНТЕРПОЛ  ја сочинуваат:

•     Генералното  Собрание (ГС)

•     Извршниот Комитет (ИК)

•     Генералниот секретаријат

•     Националните Централни Бироа (НЦБ)

•     Советници

Генералното собрание и Извршниот комитет ја формираат управата на организацијата која ја раководи Претседател, кого го избира Генералното собрание за период од 4 години. Неговата улога е да заседава со ГС и ИК и да обезбеди активностите на ИНТЕРПОЛ да се во согласност со одлуките кои се донесени на овие состаноци.

Генералното собрание (ГС) е највисок орган кој го сочинуваат делегати назначени од секоја  држава членка. ГС заседава еднаш годишно во различни места во светот и  ги носи сите важни политички одлуки како и одлуки кои се однесуваат на ресурсите, работните методи, финансиите активностите и програмите на  Интерпол. ГС, исто така, го избира и Извршниот комитет. Генерално, ГС носи одлуки со просто мнозинство во форма на резолуции.

Извршниот комитет (ИК) е извршен орган на Интерпол, кој има 13 членови избрани од Генералното собрание. Со ИК претседава претседателот на Организацијата избран исто така од ГС. Покрај  претседателот ИК го сочинуваат и 3 потпретседатели и 9 делегати. Членовите на ИК треба да потекнуваат од различни земји, при што треба да се води сметка за географската застапеност (чл.15). Претседателот се избира на 4 години со 2/3 мнозинство, ако не се постигне мнозинство по второто гласање, доволно е и  просто мнозинство. Потпретседателите се избираат  на 3 години со просто мнозинство. Секоја држава има еден глас. Во вршење на своите должности сите избрани во ИК се сметаат за претставници на Организацијата а не претставници на своите земји. ИК се состанува најмалку еднаш годишно (чл. 20)а, а по правило 2 до 3 пати годишно .

Функции на ИК се (чл.22):

-       контрола на извршувањето на одлуките на ГС

-       подготовка на дневниот ред на заседанијата на ГС

-       поднесување предлози и програми за работа на ГС

-       контрола на работата на генералниот секретар

-       извршување други задачи кои му ги доверува ГС.

Генералниот секретаријат е лоциран во Лион и него го сочинуваат Генералниот секретар, административниот и техничкиот персонал на Секретаријатот, Генералниот секретаријат работи 24 часа 365 дена во годината на четирите официјални јазици на организацијата: арапски, англиски, француски и шпански. Секретаријатот има шест регионални канцеларии во Аргентина, Брегот на слоновата коска, Ел Салвадор, Кенија, Тајланд и Зимбабве и Канцеларија за врски во ООН.

Секретаријатот е поделен на 4 Одделенија кои што покриваат административни работи, полициски работи, истражување и техничка помош.

Со Секретаријатот раководи Генерален Секретар кој го именува Генералното Собрание за време од 5 години со можност за реизбор. Генералниот секретар е всушност шеф на организацијата и е одговорен за дневната меѓународна полициска соработка и имплементација на одлуките на ГС и ИК.

Генералниот секретар и персоналот на Секретаријатот, според Статутот (чл.30), се независни од владите на државите што ги делегираат и не смеат да се советуваат со нив или да работат по нивни инструкции.

Обемот на работата на Секретаријатот е мошне широк и сложен и покрива различни активности:

-     ги спроведува одлуките на ГС и ИК

-     дејствува како меѓународен центар во борба против општиот криминал

-     комуницира со националните и меѓународните органи и тела во однос на истражувањето на криминалот

-     размена на документација и информации

-     издавање оперативни, научни и стручни публикации итн.

Национални централни бироа (НЦБ)–преку нив се одвива сржта на операциите на Интерпол. Владата на секоја држава членка е должна да именува едно постојано тело кое делува како средиште на сите комуникации на Интерпол. НЦБ е претставник на организацијата во земјата членка и истовремено претставник на државата членка во организацијата. Секоја земја ги организира како посебни служби при министерствата за внатрешни работи или правда или како посебни самостојни тела . ЦНБ обезбедува врска со:

- различните служби во својата земја

- другите НЦБ

- Генералниот секретаријат на организацијата.

НЦБ ги спроведуваат одлуките на Интерпол, поведуваат пред домашните полициски органи активности од значење за МПС, прибираат и разменуваат документација и информации за извршители на казниви дела, ги канализираат оперативните откривачки активности на Интерпол во соработка со други национални органи и други  НЦБ и со службите на генералниот секретаријат, и помагаат во остварување на други облици на соработка, како што е екстрадицијата и казнено-правната помош во судските предмети.

НЦБ служат како контакт точки за странски органи кои можеби не ја разбираат комплексноста на системот за извршување на законите на земјата со која сакаат да стапат во контакт. Тие имаат само еден партнер во односната земја, а тоа е НЦБ.

Советници се експерти кои имаат советодавна улога за проучување на некои научни прашања (чл.34). Тие можат да бидат именувани од ИК и потврдени од ГС. Тоа се лица кои имаат меѓународна репутација и углед во некоја од областите кои се од интерес за Организацијата.

 

Трите основни функции на ИНТЕРПОЛ се:

А) Обезбедување на сигурни, глобални полициски сервиси за комуникација – преку својот информациски систем – I/24-7, ИНТЕРПОЛ им овозможува на своите земји членки, преку НЦБ-ата, размена на електронска пошта, користење на повеќе WEB сервиси, како и директен пристап до централните криминалистички бази на податоци;

Б) Обезбедување на криминалистички бази на податоци – ASF (Automatic search facility)ИНТЕРПОЛ менаџира повеќе бази на податоци, кои на полициите ширум светот им даваат информации кои можат да помогнат во водењето истраги и превенција на криминалот. Наведените бази на податоци содржат важни информации за лица, отпечатоци, ДНК профили, слики со детска потнографија, украдени/изгубени патни исправи, украдени моторни возила, украдени артефакти, сите достапни преку I/24-7.

В) Оперативна полициска поддршка – ИНТЕРПОЛ се обидува да ја унапреди улогата на НЦБ-ата и регионалните канцеларии прилагодувајќи ја работата на Генералниот Секретаријат кон нивните потреби, особено во оперативната активност во приоритетните подрачја на криминалот: јавна безбедност и тероризам, дрога и организиран криминал, трговија со луѓе, финансиски и компјутерски криминал и меѓународни потерници.

 

Соработката на Република Македонија со ИНТЕРПОЛ:

Република Македонија на Генералното собрание одржано во Аруба во 1993 година стана членка на ИНТЕРПОЛ, кога беше воспоставено и НЦБ ИНТЕРПОЛ-Скопје, во согласност со член 32 од Уставот на ИНТЕРПО[1];

Почнувајќи од 1993 год., Р.Македонија, преку НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје, кое од 2003 година е организациски позиционирано во Секторот за меѓународна полициска соработка при ЦПС-БЈБ, остварува соработка со 190 земји членки на ИНТЕРПОЛ и со Генералниот Секретаријат во Лион, согласно пропишаните стандарди за работа на оваа најголема меѓународна полициска организација.

Во рамки на Одделението НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје, работат полициски службеници – инспектори, по линии на криминал: меѓународна потрага по моторни возила, недозволена трговија со дрога и оружје, недозволена трговија со луѓе и криумчарење мигранти, финансиски криминал, насилен криминал и тероризам, како и идентификација на лица и проверка на документи.

Оперативната соработка преку ИНТЕРПОЛ се одвива преку размена на полициски информации, сознанија и податоци, како и преку активно и континуирано учество на експерти од МВР во работните групи на ИНТЕРПОЛ.

 Во соработка со Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ, во Лион, Франција, Одделението НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје се  вклучува во проекти, дава поддршка на заеднички истраги,  разменува информации при спроведување на меѓународни операции иницирани од Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ. На покана на Генералниот Секретаријат, претставници од МВР учествуваат на конференции, состаноци и семинари, на кои се разменуваат искуства, добри практики и се договараат идни активности за унапредување на меѓусебната соработка.

Во рамки на СМПС, каде што е позиционирано НЦБ Скопје, воспоставена е дежурна служба 24/7, која што овозможи НЦБ Скопје да функционира во склад со еден од најважните стандарди на ИНТЕРПОЛ за 24 работно време.

Од Април 2003 година, НЦБ Интерпол Скопје е директно поврзано  со информацискиот систем I-24/7 на ИНТЕРПОЛ, преку кој се одвива размената на електронска пошта со другите НЦБ-а, како и користење на повеќе WEB – сервиси кои ги овозможува овој систем, меѓу кои директен пристап до централните криминалистички бази на податоци на ИНТЕРПОЛ и електронско распишување на меѓународни потерници. НЦБ Скопје активно партиципира во хранењето на глобалните бази на податоци со информации за лица, возила, документи, уметнички предмети итн. (во моментот во базата на ИНТЕРПОЛ, од НЦБ Скопје распишани се вкупно 57985 украдени/изгубени патни исправи, 372 украдени возила, 161 икона).



[1] секоја земја−членка мора да именува орган кој ќе делува како централна точка за меѓународна полициска соработка во рамки на организацијата  – овој орган се именува Национално централно биро (НЦБ) на ИНТЕРПОЛ (вообичаено именувано според главниот град)