ЕВРОПОЛ

 
 

Европол е агенција на ЕУ, надлежна за спроведување на законот, чија цел е да помогне во создавање на побезбедна Европа преку поддршка на органите надлежни за спроведување на законот во борбата против меѓународниот сериозен и организиран криминал и тероризмот. Европол користи сопствени уникатни информациски и аналитички капацитети и експертиза од повеќе од 700 вработени, со цел откривање и влегување во трага на најопасните криминални и терористички мрежи. ЕВРОПОЛ како организација на Европската Унија надлежна за спроведување на законот, која работи со криминалистичко-разузнавачки информации, има за цел подршка во подобрување на ефективноста и соработката помеѓу надлежните органи на земјите членки во спречувањето и борбата против организираниот криминал, тероризмот и други форми на сериозен криминал кои зафаќаат две или повеќе земји членки.


Мандатот на ЕВРОПОЛ опфаќа организиран криминал, тероризам и други форми на сериозен криминал, кои зафаќаат две или повеќе земји членки, и тоа:

• недозволена трговија со дрога,
• недозволена трговија со нуклеарни и радиоактивни материи,
• криумчарење на мигранти,
• трговија со луѓе,
• тероризам,
• криминалитет поврзан со моторни возила,
• перење пари.

  • Кривични дела против животот, телото и личната слобода:

• убиство, тешка телесна повреда,
• недозволена трговија со човечки органи и ткива,
• киднапирање, незаконско задржување/држење и земање заложници,
• расизам и ксенофобија.

  • Кривични дела против сопственост и јавни добра, вклучувајќи и измама:

• разбојништво/организиран грабеж,
• недозволена трговијата на културни добра, вклучувајќи антиквитети и уметнички дела,
• измама и фалсификување,
• закана, рекетирање и изнуда,
• фалсификување и пиратерија на производи,
• фалсификување на службени/административни документи и нивна трговија,
• фалсификување на пари и платежни средства,
• компјутерски криминал,
• корупција.

  • Незаконска трговија и штета предизвикана во околина:

• недозволена трговија со оружје, муниција и експлозиви,
• недозволена трговија со загрозени животински видови,
• недозволена трговија со загрозени растителни видови и подвидови,
• криминал против безбедноста на околината,еколошки криминал
• недозволена трговија со хормонски супстанци, материи и други поттикнувачи на раст.

 


ЕВРОПОЛ ги има следниве основни задачи:

(а) собирање, чување, обработка, анализа и размена на податоци и разузнавачки информации;

(б) известувања до надлежните органи на земјите-членки за информациите што ги засегаат и за сите откриени врски меѓу кривичните дела;

(в) помош за истраги во земјите-членки, особено преку доставување на сите релевантни информации до националните единици;

(г) повикувања до надлежните органи на засегнатите земји-членки да започнат, водат или координираат истраги и предлози за основање заеднички истражни тимови во посебни случаи;

(д) обезбедување разузнавачка и аналитичка поддршка на земјите-членки во врска со големи меѓународни случаи;

(ѓ) подготовка на проценки на закани, стратешки анализи и извештаи за општи ситуации поврзани со неговата цел, вклучено проценки на закани од организиран криминал.


ЕВРОПОЛ ги има следниве дополнителни задачи:

(а) развивање на специјализирано познавање на истражните постапки на надлежните органи на земјите-членки и обезбедување совети за истраги;

(б) обезбедување стратешко разузнавање за помош и промовирање ефикасна и ефективна примена на ресурсите достапни на национално ниво и на ниво на ЕУ за оперативни активности и поддршка на овие активности.

(в) помош на земјите-членки преку поддршка, совети и истражување со спроведување обуки за членовите на нивните надлежни органи, организација и опрема за наведените органи преку помош во обезбедувањето техничка поддршка меѓу земјите-членки; информирање за методи за спречување на криминал и технички и криминалистички методи и анализа и истражни постапки.

ЕВРОПОЛ, исто така, од 2005 година има улога на Централна канцеларија за борба против фалсификување на еврото.

 
 

ЦИКЛУС НА ПОЛИТИКИ

 

Во 2010 година ЕУ воспостави повеќегодишен циклус на политики, чија цел е да се осигура дека во борбата против меѓународниот сериозен и организиран криминал постои:

 

·         Ефективна соработка помеѓу органите надлежни за спроведување на законот на земјите-членки на ЕУ, институциите на ЕУ, агенциите на ЕУ и релевантни трети партнери; со што ќе се испорача

·         Кохерентно и сеопфатно оперативно делување, насочено кон најкритичните криминални закани со кои се соочува ЕУ.

 

Целосниот циклус на политики започна во 2013 година и ќе трае четири години. Се состои од четири клучни чекори:

 

1.  чекор: SOCTA (Serious and Organ­ised Crime Threat Assessment) - Проценка за закана од сериозен и организиран криминал, создадена од страна на Европол, со која се понудија пакет на препораки, засновани темелни анализи на главните закани од криминалот со кои се соочува ЕУ. Советот за правда и внатрешни работи ги користи овие препораки за да ги дефинира неговите приоритети за наредните четири години (2013-2017).

2.  чекор: MASP (Multi-Annual Strategic Action Plans) – повеќегодишни стратешки акциски планови ќе бидат изготвени од приоритетите, со цел да се дефинираат стратешките цели за борба против секоја приоритетна закана.

3. чекор: EMPACT (European Multidisci­plinary Platform against Criminal Threats) – Европска мултидисциплинарна платформа против закани – Во рамки на овие проекти ќе се изготват оперативни акциски планови (ОАП) за борба против приоритетните закани.

4.  чекор: Контрола и проценка – ефективноста на ОАП и нивното влијание врз приоритетните закани ќе биде контролирано од страна на Комитетот за внатрешна безбедност на Советот на ЕУ - COSI . Во 2015 година, од страна на Европол ќе биде изготвена времена проценка за закана (SOCTA), со цел да се оцени, следи и прилагоди (доколку е тоа потребно) трудот во борбата против приоритетните закани.

 
 
SOCTA (Serious and Organ­ised Crime Threat Assessment) - Проценка за закана од сериозен и организиран криминал

SOCTA има клучна улога во циклусот на политики. Од стратешки приоритети преку оперативно делување, таа треба да осигура пристап заснован на разузнување, кој што треба да претставува основа за борба против главните криминални закани, со кои се соочува ЕУ.

При подготовката на SOCTA, Европол анализира трендови и примери во посточеките криминалистички податоци, но исто така оди понатаму, преку снимање на опкружувањето и другите фактори, кои ќе влијаат на криминалот во наредните четири години од циклусот на политики. Тоа ја дава основата за основано предвидување од идните закани кон внатрешната безбедност.

Анализите, кои го помагаат развивањето ан приоритетите, исто така го поддржуваат оперативното делување.

EMPACT (European Multidisci­plinary Platform against Criminal Threats) – Европска мултидисциплинарна платформа против закани
 
SOCTA 2013 ги даде основите, врз основа на кои Советот ги усогласи приоритетите во облста на сериозниот и организиран криминал за периодот 2013-2017 година. Секој од наведените приоритети ќе биде преточен во  MASP (Multi-Annual Strategic Action Plans) – повеќегодишни стратешки акциски планови, со кои ќе се дефинираат стратешките цели кои треба да се постигнат. Со цел постигнување на овие стратешки цели, ќе бидат создадени ОАП и девет EMPACT проекти ќе бидат иницирани, со цел да се координираат активностите на земјите-членки и организациите на ЕУ против идентификуваните закани. Следните девет EMPACT проекти се:

·         Посредување при вршење илегална миграција

·         Трговија со луѓе

·         Фалсификувани стоки

·         Измами со акцизни стоки.

·         Синтетички дроги

·         Кокаин и хероин

·         Недозволена трговија со оружје

·         Организиран имотен криминал

·         Компјутерски криминал

 

Веќе се забележливи подобрувања во соработката во актуелните приоритетни области, со заеднички операции и истраги кои се во тек.

Информациите од овие истраги се враќаат во Европол преку безбеден систем, SIENA, за да бидат анализирани работните досиеја за анализа на Европол -  Analysis Work Files (AWFs). Разузнавачките податоци, кои произлегуваат од овие истраги, ќе информираат во фазата на оценување на Циклусот на политики и првичната проценка во 2015 година.