ОДДЕЛ ЗА ПРЕКРШОЦИ

ИСТОРИЈАТ

Во 2005 година, Собранието на Република Македонија ги донесе уставните амандмани со што за прв пат во РСМ беше создадена можност во случаи утврдени со закон, за прекршок, покрај судските органи, санкција да може да изрече и орган на државната управа, чија што пак одлука ќе подлежи на судска заштита под услови и постапка уредена со закон.

Во мај 2006 година, беше донесен и Законот за прекршоците со што се дооформи правната рамка на казненото законодавство. Со овој закон се направи јасна дистинкција во надлежноста на судовите и прекршочните органи, воведе прилично доста нови институти како обележје на неговиот реформаторски карактер. Неговата цел покрај останато беше да се намали репресијата, а да се зголеми превенцијата. Ова се постигна преку новите институти предвидени со овој закон како што се: посредување, порамнување, издавање на платен налог и.т.н. Овој закон беше правен основ и за понатамошното формирање на прекршочните органи во МВР.

Секторот за прекршоци е формиран во март 2007 година како нова организациона единица во Министерството. Министерството за внатрешни работи беше прв орган на управата каде што се систематизираше ваков организационен облик и воедно прв отпочна да работи и да ги применува веќе донесените законски решенија. Во 2015 година, оваа организациона единица премина во повисок организационен облик и е именувана како Оддел за прекршоци.

 

ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ

 

Одделот за прекршоци е посебен организационен облик во составот на МВР кој во себе содржи вкупно 2 Сектори за прекршоци и тоа: Сектор за прекршоци - Скопје и Сектор за прекршоци - за подрачјето на територија на РСМ.
Во рамките на Секторот за прекршоци - Скопје се следниве Одделенија: Одделението за прекршоци Скопје 1, Одделението за прекршоци Скопје 2, Одделение за прекршоци 3, Одделение за прекршоци Скопје 4, Одделение за прекршоци Скопје 5, Одделение за прекршоци Скопје 6 и Одделение за прекршоци Скопје 7.
Во рамките на Секторот за прекршоци - за подрачјето на територија на РМ се следниве Одделенија: Одделение за прекршоци Куманово, Одделение за прекршоци Велес, Одделение за прекршоци Кавадарци, Одделение за прекршоци Прилеп, Одделение за прекршоци Битола, Одделение за прекршоци Гевгелија, Одделение за прекршоци Штип, Одделение за прекршоци Кочани, Одделение за прекршоци Струмица, Одделение за прекршоци Тетово 1,Одделение за прекршоци Тетово 2, Одделение за прекршоци Гостивар, Одделение за прекршоци Кичево и Одделение за прекршоци Охрид.

 

 

НАДЛЕЖНОСТИ

Со Законот за прекршоците (Службен весник на РМ број 96/2019 и бр. 253/2023) конкретно е утврдено дека прекршочниот орган води прекршочна постапка кога со закон е пропишана исклучива надлежност за негово постапување. За водење на прекршочна постапка против правно лице надлежен е прекршочниот орган каде што се наоѓа седиштето на правното лице. За судир на надлежноста меѓу судовите и прекршочните органи одлучува Врховниот суд на Република Македонија.