На 03.07.2025 полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Неготино, заедно со Општинскиот совет за безбедност на патниот сообраќај Неготино, на автопатот Неготино – Гевгелија, на наплатната станица „Демир Капија“, реализираа превентивна активност во рамки на кампањата „Безбедно во лето- вози одморен, вози одговорно“. На возачите во непосредна комуникација им беше укажувано за важноста одморени да ги управуваат возилата, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се чести причини за предизвикување на сообраќајни незгоди, особено во летниот период, кога граѓаните возат стотици километри на пат кон туристичките дестинации. Во овој период, зголемен е и бројот на туристи кои транзитираат низ земјава и минуваат токму по оваа делница. Со оваа активност уште еднаш беше потенцирана потребата за подигнување на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот на патиштата, преку почитување на сообраќајните прописи и одговорно однесување, а со цел да ги заштитат својата, безбедноста на нивните семејства и другите учесници во сообраќајот.
Истовремено, на возачите им беше поделен и едукативен печатен материјал изработен во соработка со Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.