Денеска (10.08.2026) во Скопје и Штип, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и ПС БПС Штип реализираа превентивни активности од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата „Не користи мобилен телефон додека возиш“, при што возачите беа запознаени со последиците што можат да настанат од користење мобилен телефон при управување возила. Превентивна активност за безбеден сообраќај реализираа и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово во Куманово, со посебен акцент на потребата од прописно паркирање. Во Куманово беа реализирани и превентивни активности за спречување на пожари. Преку непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници им укажаа на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112.
Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“, со напомена за почитување на забраната за движење во шуми која е активна до 31.08.2026 година. Отсекот за превенција при СВР Куманово во Куманово спроведе и превентивна активност под мотото „Има помош за живот без насилство“. На средби со граѓаните им беа давани совети како да се заштитат, начините како да се препознае насилството, како и насоки за тоа што можат да сторат доколку се најдат во таква ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство.