Денеска (18.07.) полициски службеници од ПС БПС при СВР Штип во централното градско подрачје спроведоа сообраќајна активност под мотото „Вози одморен“. Во рамки на активноста на возачите им беа делени летоци со едукативна содржина, со укажувања дека заморот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди во овој период од годината и дека одморот и правилното управување со моторното возило се клучен фактор за безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.
И полициски службеници од ПО за БПС Кочани и ПО за БПС Делчево денеска реализираа превентивни активности од областа на сообраќајот. Под мотото „Не заборавај, стави појас“, во централното подрачје на Кочани полициските службеници во непосредна комуникација со учесниците во сообраќајот апелираа и за стриктно почитувањето на одредбите од ЗБСП, вклучително и во поглед на задолжително користење на сигурносните појаси при возење. Во Делчево пак, идентично како и во Штип, мотото на превентивно сообраќајната активност беше – „Вози одморен“. Покрај укажувањата и практичните совети, во рамки на активноста на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП.
На подрачјето на надлежност на СВР Штип денеска и во Пехчево полициски службеници од ПК Пехчево реализираа едукативна превентивна кампања на тема: „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари“. На граѓаните преку едукативни летоци изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“, им беше појаснето дека во летниот период, со зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание и затоа е забрането фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и сл.
Доколку пак забележат дека настанал пожар, граѓаните треба навремено да ги информирааат надлежните институции, со цел тие благовремено да интервенираат и да се спречат поголеми штети. Воедно стана збор и за забраната за движење низ шумите и шумските појаси што започна на 01 јули а ќе трае до до 31 август .