Денеска (03.07) во Штип, Делчево и Кочани полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Делчево, Штип и Кочани, спроведоа превентивно - едукативни активности во рамки на кампањите „Не користи мобилен телефон додека возиш“, „Не конзумирај алкохол ако возиш“, „Паркирај совесно и одговорно“ и „Вози безбедно- Стави кацига“. Полициските службеници од ОВР Пробиштип пак, во населени места во општина Пробиштип реализираа превентивни активности за заштита од пожари.
На учесниците во сообраќајот преку директна комуникација им беше укажувано на големиот ризик и последиците кои можат да настанат доколку се користи мобилен телефон додека се управува моторно возило, како и доколку возилата се паркираат непрописно и со тоа се загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Воедно, беа поделени и летоци со едукативна содржина, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Полициски службеници од ОВР Пробиштип пак, во селата Злетово, Добрево и Древено спроведоа превентивни активности во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари. На граѓаните им беше укажано за опасноста од несовесно фрлање и палење ѓубре, палење меѓи од ниви, стрништа со сува трева, фрлање отпушоци и друг вид запаливи материјали на отворен простор и во близина на шумски појаси, а беа информирани и за забраната за движење во шумски предели, за да се намали ризикот од појава на пожари на отворен простор. Целта на активноста е да се зголеми безбедносната култура, но и да се зајакне довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, како и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување. Во рамки на активноста беше поделен и печатен материјал.