Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумска полиција на подрачјето на ПО Петровец односно на наплатната рампа „Петровец" денеска (29.06.2025) спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари, пожари на отворено и бесправната сеча на дрва. Притоа, во рамки на активноста, во разговор со граѓаните беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување, како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слично, со цел брза и навремена реакција на институциите.
Исто така, беше нагласено дека во летниот период расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание. Граѓаните беа информирани и за законските одредби и санкции особено во поглед на законскaта регулатива која го опфаќа делото пожар, односно „предизвикување општа опасност“, регулирано во Кривичниот законик по член 288, со што се предвидува казна затвор од шест месеци до пет години.
Целта на оваа активност беше да се зголеми безбедносната култура, но и да се зајакне довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните. На граѓаните им беа делени и информативни летоци. Вчера пак (28.06.2025) во рамките на кампањите за унапредување на сообраќајната култура, на подрачје на ПO Сарај односно наплатната рампа Глумово, Одделението за превенција при СВР Скопје реализира активност наменета за возачите, согласно кампањите „Стави појас“ и „Не зборувај на мобилен додека возиш“. Активноста беше организирана во соработка со РСБСП со цел подигнување на безбедносната свест за одговорно и безбедно учество во сообраќајот и притоа беше поделен едукативен материјал- летоци со практични совети за безбеден сообраќај.