На 18.11.2026 полициски службеници од полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај Кочани спроведоа превентивна активност „Одговорно пред пешачки премин“ наменета за пешаците. За време на превентивна активност во непосредна комуникација со пешаците на истите им беше укажано дека треба да бидат одговорни како учесници во сообраќајот.
На 18.11.2026 на градскиот пазар во Виница полициски службеници од полициска станица Виница реализираа едукативна кампања под мотото „Да се заштитиме од џебни кражби“ којa се реализираше со лична средба на граѓаните на кои им беа давани совети за самозаштита од измами, имотни деликти (разбојничка кражба, разбојништво, дрска кражба, џебни кражби и други кривични дела), каде особено им беше потенцирана неопходноста од соработка и нивна навремена комуникација со полицијата пред се преку точно и брзо пријавување на бесплатниот телефонски броеви 112, при што им беа поделени летоци со едукативна содржина.
На 18.11.2026 полициски службеници од ОВР Пробиштип, спроведоа превентивна активност по повод безбедна ловна сезона, при што остварија средба со раководството и членови на ловното друштво „ПРО – ЛОВ“ - Пробиштип.
За време на средбата, на раководството и ловџиите им беше укажано на задолжително почитување на Законот за ловство и Законот за оружје, како и користење на оружјето исклучиво за дозволена намена. Пред секој истрел, ловџијата мора со сигурност да ја идентификува целта и да пази на евентуално присуство на други ловџии, планинари, земјоделци или случајни минувачи.
Строго е забрането ракување со огнено оружје под дејство на алкохол или психоактивни супстанци. Исто така, апелирано е да се пријавуваат лица кои ловат без дозвола или надвор од дозволените денови.
За време на средбата на раководството и присутните поделени се едукативни летоци на тема „Фокус на безбедноста“ со што е укажано на мерките за безбедност за време на користење на оружјето, со цел унапредување на безбедноста при користење на оружјето. ОВР Пробиштип апелира на совесно и одговорно однесување за да се спречат несреќи и да се заштити животот и здравјето на сите учесници во ловот и граѓаните.
На 18.11.2026 полициски службеници од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Свети Николе реализираа превентивно едукативна кампања по повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кој се одбележува секоја година во третата недела од месец Ноември, под мотото „Патиштата си имаат своја приказна – Кажи стоп за смртта на патиштата“.
На 18.11.2026 на повеќе места во централното градско подрачје во Берово, полициски службеници од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Берово реализираа едукативна кампања под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима“, којa се реализираше со лична средба на граѓаните (возачите), на кои им беа поделени летоци со едукативна содржина, а им беше и укажано за важноста на поседување и носење задолжителна зимска опрема во возилата која е задолжителна од 15 ноември, со цел на зголемување на севкупната безбедност во сообраќајот.
Денеска (18.11.2026) во Приватното училиште „Јахја Кемал“ во Тетово, Отсекот за превенција при СВР Тетово продолжи со превентивно-едукативниот проект под мотото ,,Учам-Полагам-Возам" во која се предвидени предавања за учениците од трета година од средните училишта, со цел подобрување на безбедноста и подигнување на сообраќајната култура кај младите. За време на предавањето, учениците беа детално запознаени со позначајните сообраќајни правила и прописи, законските обврски за носењето заштитна опрема, но и со предвидените казнени одредби за прекршоците. Главната цел на овие активности е градење взаемна доверба помеѓу полицијата и младите, подигнување на нивната свест како идни возачи, како и директно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и последиците од нив на подрачјето на СВР Тетово.
Денеска преставници од криминалистичката полиција и полициски службеници при ОВР Прилеп учествуваа на работилница на тема „Глас против насилство" во организација на Национална мрежа против насилство насочена во превенција од сите видови насилство со акцент на семејното.
На 18.11.2026 Одделението за превенција при СВР Скопје, на подрачјето на ПСОН Карпош, реализираше три едукативни работилници во ООУ „ Петар Поп Арсов“, на тема „Превенција од меѓуврсничко насилство – Булинг и Сајбер булинг (насилство на социјалните мрежи)“ и зависности. Присутните ученици преку интерактивна комуникација беа запознаени со облиците на сите видови на насилство, физичко, психичко, што претставува меѓуврсничкото насилство – булинг и сајбер булинг, облиците на агресивно однесување помеѓу младите како и за формите на асоцијални и девијантви појави – зависностите, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците со посебен акцент на начините на препознавање, избегнување, пријавување на истите како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби согласно позитивната законска регулатива прилагодена и соодветна за возраста на учениците. На присутните ученици им беа поделени и летоци на кои се испишани едукативни пораки – Стоп за булингот, никој не заслужува да се чуствува безвредно и небезбедно.
На 18.11.2026 на подрачје на ПС ОН Карпош, Одделението за превенција при СВР Скопје спроведе превентивно едукативна кампања од областа на имотни деликти „Секој може да биде жртва“ и ,, Не оставај вредни предмети во вашиот автомобил”.
На 18.11.2026 полициски службеници од Полициските одделенија за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци и ОВР Неготино реализираа сообраќајни превентивни активности на тема „Користи зимска опрема“. Целта на активностите е да им се укаже на возачите дека на сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата и да се влијае на подигнување на свеста за одговорно учество во сообраќајот и обврската и потребата од употреба на зимска опрема, како важен предуслов зголемување на нивото на личната и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Полициски службеници од СВР Велес и ОВР Кавадарци пак, денеска спроведоа превентивни активности за заштита и спречување на појави поврзани со семејно и родово базирано насилство. Полициски службеници од Полициска канцеларија Градско денеска реализираа превентивна активност која имаше за цел да се влијае на подигнување на свеста кај граѓаните за правилно и безбедно користење на плински уреди, нивно редовно одржување и контрола на исправноста и на тој начин да се спречат несакани последици и загрозување на безбедноста, додека на подрачје на Неготино беше спроведена превентивна активност за безбедно доаѓање и заминување на учениците, со цел зголемување на безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот.