Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Засилени сообраќајни контроли на автобуси и товарни возила во рамки на меѓународната акција на ROADPOL

Засилени сообраќајни контроли на автобуси и товарни возила во рамки на меѓународната акција на ROADPOL

Македонската сообраќајна полиција, како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL), во периодот од 16 до 22 ноември 2026 година спроведува засилени сообраќајни контроли во рамки на меѓународната акција „Truck & Bus“, насочена кон зголемување на безбедноста на автобусите и товарните возила во патниот сообраќај.

Целта на акцијата е превенција на сообраќајните незгоди, навремено откривање и санкционирање на прекршоците и подигнување на нивото на безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Посебно внимание при контролите се посветува на техничката исправност и безбедносната опременост на автобусите и товарните возила, исполнувањето на законските услови за организиран превоз на деца, како и почитувањето на прописите при организирање училишни, образовни и рекреативни патувања. Дополнително, се проверуваат психофизичката состојба и способноста на возачите за безбедно управување со возилата, како и исполнувањето на останатите законски обврски во патниот транспорт.

Паралелно со овие активности, полициските службеници спроведуваат засилени контроли и на останатите учесници во сообраќајот, со акцент на непочитувањето на ограничувањата на брзината, управувањето возило под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористењето сигурносен појас, неправилниот превоз на патници и другите прекршоци што директно ја загрозуваат безбедноста на патиштата.

Министерството за внатрешни работи апелира до возачите, превозниците и сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да покажат високо ниво на одговорност при учеството во сообраќајот.

Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност, а почитувањето на правилата, исправноста на возилата и одговорното однесување се клучни за спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани превентивни активности и засилени сообраќајни контроли, во соработка со европските партнери, со цел унапредување на сообраќајната култура и создавање побезбедни патишта за сите граѓани.

 

Мени за пристапност