Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот за внатрешни работи Исени на терен со полициските службеници на ГП Блаце и ЕВР Чаир

Заменик министерот за внатрешни работи Исени на терен со полициските службеници на ГП Блаце и ЕВР Чаир

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени, на првиот работен ден од Новата година, оствари работна посета на полициските службеници ангажирани на Граничниот премин Блаце и во Единицата за внатрешни работи Чаир.
Во рамки на посетата, заменик министерот беше детално информиран за актуелната безбедносна состојба, функционирањето на граничниот премин, протокот на патници за време на празничниот период, како и за организацијата и текот на новогодишната ноќ на подрачјето на град Скопје.

Во разговорите со полициските службеници, уште еднаш беше потврдена нивната висока професионална посветеност и одговорност во извршувањето на службените задачи, со јасна цел – гарантирање на редот, мирот и безбедноста на граѓаните ширум државата.
Иако за поголемиот дел од граѓаните празниците се време за семејни собири и прослави со најблиските, припадниците на Министерството за внатрешни работи и за време на празничните денови остануваат на своите работни места, грижејќи се за безбедноста и јавниот ред.

Целта на посетата беше, покрај работниот аспект, да се споделат и неколку празнични моменти со дежурните полициски службеници, како симбол на заедништво и припадност на едно големо полициско семејство, како и да им се изрази благодарност за нивниот ангажман, пожртвуваност и професионализам.

Заменик министерот Исени упати охрабрување за натамошно посветено и одговорно извршување на службените обврски, истакнувајќи дека и во Новата 2026 година Министерството за внатрешни работи, заедно со граѓаните, ќе продолжи да работи на создавање посигурна, постабилна и подобра иднина за државата.

Мени за пристапност