Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на МВР на регионална работилница во Тирана за унапредување на соработката меѓу правосудството и медиумите во борбата против организираниот криминал

Учество на МВР на регионална работилница во Тирана за унапредување на соработката меѓу правосудството и медиумите во борбата против организираниот криминал

Учество на МВР на регионална работилница во Тирана за унапредување на соработката меѓу правосудството и медиумите во борбата против организираниот криминал

Помошникот на министерот за внатрешни работи за односи со јавност и стратешки прашања, Мухамед Исмаиљи, учествуваше и се обрати на регионалната работилница „Од истрага до информирање на јавноста: Унапредување на соработката меѓу правосудството и медиумите во борбата против организираниот криминал во Западен Балкан“, која се одржува на 17 и 18 ноември во Тирана, Република Албанија.

Работилницата е организирана од регионалните програми на Германското друштво за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ), EU4FAST и Sustain Media. GIZ е германска државна агенција за развојна соработка, која дејствува на глобално ниво во насока на поттикнување на одржливиот развој, меѓународното образование и меѓународната соработка.

Во своето обраќање на тема „Транспарентност без загрозување на истрагата – улогата на институционалната комуникација во борбата против организираниот криминал“, Исмаиљи ја истакна важноста на навременото, точно и одговорно информирање на јавноста, со истовремено почитување на законските и оперативните ограничувања во текот на истражните постапки.

„Борбата против организираниот криминал не подразбира само откривање и процесуирање на криминални активности. Таа подразбира и градење доверба во институциите, а довербата во голема мера зависи од нивната транспарентност, професионалност и одговорност во комуникацијата со јавноста“, истакна Исмаиљи.

Тој посочи три клучни аспекти за успешна институционална комуникација во случаите на организиран криминал: воспоставување рамнотежа меѓу транспарентноста и заштитата на истрагите, градење партнерски однос со медиумите и зајакнување на меѓуинституционалната и регионалната соработка.

Осврнувајќи се на искуствата на Министерството за внатрешни работи, Исмаиљи нагласи дека јавноста има право на информации за работата на институциите, но дека нивното објавување мора да биде внимателно планирано и координирано со надлежните полициски и правосудни органи, со цел да не се загрозат доказите, оперативните активности и натамошниот тек на истрагите.

„Нашата цел не е да објавиме што е можно повеќе информации, туку да обезбедиме точни, проверени и релевантни информации во момент кога нивното споделување нема да ја загрози постапката“, потенцираше Исмаиљи.

Посебен акцент беше ставен на соработката со медиумите, кои, покрај информирањето на јавноста, можат да бидат значаен партнер во пренесувањето јавни апели и информации од граѓаните што би можеле да придонесат за откривање криминални активности. Во таа насока, Исмаиљи ја нагласи потребата од воспоставување јасни и функционални комуникациски канали меѓу полицијата и медиумите, засновани на професионалност, меѓусебна доверба и одговорност.

Говорејќи за регионалната димензија на организираниот криминал, тој истакна дека координацијата меѓу полицијата, обвинителствата, другите надлежни институции и меѓународните партнери е неопходна не само во спроведувањето на истрагите, туку и во комуникацијата со јавноста. Дополнително, предупреди на предизвиците што ги носи дигиталната средина, особено брзото ширење дезинформации, шпекулации и непроверени содржини преку социјалните мрежи.

„Транспарентноста и заштитата на истрагата не треба да се третираат како спротивставени цели. Напротив, одговорната институционална комуникација е токму механизмот преку кој тие две обврски можат да се усогласат“, нагласи Исмаиљи.

На крајот, тој ја истакна важноста на размената на искуства и добри практики меѓу институциите, правосудството и медиумите од земјите на Западен Балкан, со цел унапредување на професионалните стандарди за јавно информирање и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

„Нашата заедничка цел е јасна: јавноста да биде информирана, граѓаните да имаат доверба во институциите, а истрагите да се спроведуваат професионално и без непотребни ризици“, порача Исмаиљи.

Мени за пристапност