Денеска, 21.01.2026 година во Скопје се одржа јавна дебата на тема Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите на која учествуваше државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски.
Целта на настанот е отворање на стручна и инклузивна дискусија за предложените законски решенија и нивно унапредување преку заеднички придонес на сите засегнати страни, преку плодна дебата на претставниците на институциите, академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.
Настанот го отвори министерот за јавна администрација Горан Минчев, а во продолжение свое обраќање имаше и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По презентацијата на предметниот закон од страна на координаторот на работната група која го изготвуваше законот се отвори дебата за предложените решенија, која резултираше со заклучоци и препораки за унапредување на нормативните решенија.
Целта на законското решение е дефинирање на концептот на високите раководители во органите на државната управа и фондовите и правење на јасна поделба меѓу политичките и професионалните функции во јавната администрација. Оваа реформа ќе создаде стабилен, професионален и мерит -ориентиран систем за управување со човечките ресурси на највисоко ниво, кој ќе придонесе кон зголемена ефикасност, отчетност и транспарентност во јавниот сектор.