Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на државниот секретар Сашо Петрушевски на 26-тиот состанок на Советот на СЕЛЕК

Учество на државниот секретар Сашо Петрушевски на 26-тиот состанок на Советот на СЕЛЕК

Во Букурешт, Романија, на 16.06.2026 година се одржа 26-тиот состанок на Советот на СЕЛЕК (Центар за спроведување на законот на Југоисточна Европа). На состанокот, во својство на постојан член на Советот, учествуваше државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, кој ја предводеше македонската делегација.

На настанот присуствуваа делегати од земјите членки на СЕЛЕК, како и претставници на оперативните партнери и набљудувачи на организацијата. За време на состанокот беа разгледани и донесени одлуки по повеќе значајни прашања поврзани со работењето на СЕЛЕК. Претставниците на земјите членки ги разгледаа и ги одобрија Годишниот и Ревизорскиот извештај за работата на СЕЛЕК за 2025 година. Во продолжение, менаџментот на Центарот одржа сеопфатна презентација на Годишниот акциски и работен план на СЕЛЕК за 2027 година, по што присутните со акламација ги усвоија стратешките документи за наредната година.

На дневен ред беа и заклучоците на Групата за финансиски консултации, предлогот за ревидиран Буџет за 2026 година, предлог-буџетот на СЕЛЕК за 2027 година, како и предлогот за петгодишниот финансиски план на СЕЛЕК за периодот 2026–2030 година. По кратка дискусија, сите предложени точки беа одобрени.

Во текот на состанокот се разговараше и за потребата од изменување и дополнување на правилата и прописите на СЕЛЕК. Генералниот директор на СЕЛЕК ја презентираше потребата од добивање овластување за продолжување на постапката за преговарање за склучување Меморандум за разбирање помеѓу СЕЛЕК и ГЦЦПОЛ (Советот за соработка на полициите од земјите од Заливот). Состанокот продолжи со презентација на изборната постапка за избор на генерален директор на СЕЛЕК. Потоа следуваше претставување на пријавените кандидати и тајно гласање за избор на нов генерален директор. Бидејќи ниту еден од тројцата кандидати не го доби потребниот број гласови, согласно правилата на СЕЛЕК, изборниот процес ќе биде повторен.

 На маргините на состанокот, по барање на турската делегација, се одржа билатерална средба меѓу двете делегации, на која беа разменети искуства и мислења во насока на понатамошно унапредување на одличната билатерална соработка. Настанот претставуваше одлична можност за размена на информации, искуства и добри практики, како и за продлабочување на соработката помеѓу претставниците на полициите и царинските служби на земјите членки на СЕЛЕК.

Мени за пристапност