Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари проштална средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, на која му изрази благодарност за неговиот личен ангажман, посветеност и значаен придонес во унапредувањето на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ.
На средбата беше истакнато дека во текот на мандатот на амбасадорот Вал е реализирана плодна и конкретна соработка, особено во делот на јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на полицијата, унапредувањето на полициското образование, заштитата на ранливите категории граѓани и борбата против организираниот и прекуграничниот криминал.
Министерот Тошковски посебно се осврна на два значајни проекта реализирани со поддршка на ОБСЕ, кои претставуваат важен придонес во модернизацијата и професионализацијата на македонската полиција.
Во рамките на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи“ беше изграден и целосно опремен Мултимедијалниот центар за обука во Полициската академија, официјално отворен во февруари 2025 година. Овој проект создаде современи услови за обука и професионално усовршување на полициските службеници, а дополнително беше обезбедена опрема за специјализирани простории за разговор со деца и жртви во секторите за внатрешни работи во Битола, Струмица и Тетово. Во јули годинава, министерот Тошковски и амбасадорот Вал заеднички присуствуваа на отворањето на ваква просторија во Струмица.
Значајни резултати беа постигнати и преку проектот „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“, преку кој се зајакнати капацитетите на МВР за спречување на нелегалната трговија и злоупотребата на оружје. Во рамките на проектот беше отворен и Регионалниот К9 центар за обука и сертификација во касарната „Ѓорче Петров“, а беа реализирани и повеќе регионални обуки, конференции и превентивни активности.
Меѓу позначајните активности беа регионалната конференција за полициска и царинска соработка во Скопје, кампањата „Животот нема рестарт“, насочена кон подигнување на свеста кај младите за опасностите од злоупотребата на оружје, како и регионалната обука за откривање оружје, одржана во Лазарополе во јуни годинава.
Тошковски нагласи дека вредноста на соработката со ОБСЕ се гледа токму во конкретните резултати – подобри услови за обука на полициските службеници, современа опрема, посилни специјализирани капацитети и подобра заштита на граѓаните, особено на децата и другите ранливи категории.
Во разговорот беше потврдена важноста на продолжувањето на партнерството со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со фокус на натамошната професионализација на полицијата, унапредувањето на институционалните капацитети, владеењето на правото и градењето на довербата на граѓаните во институциите.
На крајот од средбата, министерот Тошковски му се заблагодари на амбасадорот Вал за отворената комуникација, конструктивниот пристап и поддршката што ја обезбеди за Министерството за внатрешни работи во текот на својот мандат, посакувајќи му многу успех во неговите идни професионални ангажмани.
Министерот изрази уверување дека воспоставеното партнерство и реализираните проекти претставуваат цврста основа за продолжување и натамошно продлабочување на соработката меѓу МВР и ОБСЕ, во интерес на посилни институции, професионална полиција и поголема безбедност за сите граѓани.