Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на Факултетот за безбедност – Скопје одржа предавање на тема „Полицијата – централниот орган и темел на безбедноста на државата и нејзините граѓани“.
Во своето обраќање, министерот Тошковски зборуваше за потребата од системски реформи, модернизација и дигитализација на Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека безбедносниот систем мора да се прилагоди на современите предизвици.
„Недозволиво е во 2026 година голем дел од административните процеси сè уште да се водат рачно, во тетратки и застарени евиденции. Затоа работиме на целосна дигитализација на процесите во Министерството, со цел да создадеме поефикасен и пофункционален систем“, истакна Тошковски.
Министерот посебно се осврна на проектот „Безбеден град“, оценувајќи го како еден од најзначајните системски проекти во изминатиот период. Тој посочи дека веќе се бележи намалување на бројот на сообраќајни незгоди и човечки жртви, а крајната цел е создавање култура на почитување на правилата и поголема безбедност за граѓаните.
„Нашата цел не е репресија, туку спасување човечки животи и создавање систем што ќе придонесе за поголема безбедност и подобар квалитет на живот“, нагласи министерот.
Во рамки на дискусијата со студентите, Тошковски говореше и за сајбер безбедноста, вештачката интелигенција и потребата од јакнење на капацитетите за справување со современите облици на криминал.
Тој се осврна и на важноста од психолошка поддршка за полициските службеници, нагласувајќи дека покрај физичката подготвеност, исклучително значајна е и психичката стабилност на полициските кадри.
На крајот од предавањето, министерот порача дека Македонија може да стане модерна и функционална европска држава само преку системски пристап, долгорочни решенија и посветена работа на институциите.