Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Скопје, традиционално присуствуваше на академско кафе со студентите и професорите на факултетот, каде што беше остварен отворен разговор за теми од заеднички интерес од областа на безбедноста.
„Вие сте тие што ќе треба да го преземете местото кој што ги имаме сега ние во иднина, дали позицијата министер, дали позицијата декан, дали позицијата професор, началник, полицаец, инспектор или раководител во определена служба. Вие сте нашата иднина. Зошто? Заради тоа што Македонија мислам дека е една од поубавите земји кои се створени на нова наша планета, така да мислам дека Македонија заслужува да ве има Вас, а вие заслужувате да имате Македонија.“, ги поздрави студентите министерот Тошковски.
Во разговорот со студентите, министерот се осврна на повеќе актуелни безбедносни прашања, со акцент на имплементацијата на системот „Безбеден град“, враќањето на средното полициско училиште, реформите во Министерството за внатрешни работи, дигитализацијата на услугите и вложувањата во материјално-техничка опрема.
Во рамки на посетата, министерот Тошковски се обрати и на Свечената церемонија по повод промоцијата на дипломираните и магистрираните студенти на Факултетот за безбедност, упатувајќи честитки до студентите и професорите. Тој најави дека Министерството за внатрешни работи ќе потпише договор со кој најдобрите студенти од Факултетот за безбедност во иднина автоматски ќе бидат вработени во МВР.
„Навистина, овој факултет се покажал како една високообразовна институција која создала и така како квалитетен кадар во Македонија. Јас можам да бидам само горд затоа што овој ден имам оваа чест да ви обратам вам идните чинители во рамки на безбедносниот сектор во Македонија и се надевам дека, и сум сигурен дека придонесот кој што треба да го дадете професионалниот капацитет кој што треба да го имате и сето она која што Македонија ќе го побара од вас, вие ќе и го овозможите на Македонија. И претходно имам говорено пред вас дека мислам дека е дојдено време која сите ние треба да се запрашаме што ние можеме да ја дадеме на Македонија заради тоа што таа нам во минатото ни дала многу.“, рече министерот Тошковски.