Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 41. Ретренинг сесија на Европскиот огранок на Академијата на ФБИ (ФБИНАА), која се одржува во Скопје од 20 до 24 септември во присуство на дипломци на Националната академија на ФБИ, претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, делегати, гости и колеги од ФБИ.
Во своето обраќање министерот Тошковски нагласи дека конференцијата претставува значајна можност за размена на искуства и идеи, но и за зацврстување на меѓународната полициска соработка.
„Се наоѓаме во клучен момент кога безбедносните предизвици не се ограничени само на традиционалните закани како организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и сè посложени опасности – сајбер закани, злоупотреба на технологијата, транснационален екстремизам и дезинформации. Оваа реалност бара визија, иновации и подлабока меѓународна соработка“, истакна министерот.
Тој ја нагласи важноста на заедничката мисија на сите безбедносни професионалци – заштита на граѓаните, јакнење на владеењето на правото и градење доверба во институциите. „Безбедноста нема граници, заканите се транснационални, а одговорот мора да биде заеднички. Решенијата што ги бараме нема да се најдат ако работиме изолирано, туку само преку соработка и меѓусебна поддршка“, додаде Тошковски.
Министерот оддаде почит на сите мажи и жени кои го дале својот живот во извршување на должноста, истакнувајќи дека нивната жртва е темел на полициската професија и никогаш не смее да биде заборавена.
На крајот од своето излагање, министерот изрази благодарност до сите учесници во конференцијата, потенцирајќи дека „нашата сила е во тоа што стоиме заедно – посветени, решителни и подготвени да ја градиме иднината на глобалната безбедност“.